Изложбата на кавадаречкиот уметник, лани добитник на државно признание, наградата „11 Октомври“ за животно дело од областа на уметноста и културата, е насловена „Рапсодија во чаша полна љубов“.
„Самиот наслов на изложбата претставува единство на двата празника, Свети Трифун и Свети Валентин, што се слават на 14 февруари, а всушност ги слават љубовта и виното, ја слават нивната нераскинлива врска што отсекогаш е вечна инспирација за уметниците“, вели Темков.
Изложбата ја отвори академик Влада Урошевиќ, кој се осврна на творештвото на авторот.
Владимир Темков е дипломиран професор по ликовна култура. Роден е во Кавадарци во 1959 година, потекнува од работничко семејство. Основно образование завршува во основното училиште „Страшо Пинџур“, средно уметничко и Педагошка академија во Скопје, а Факултет за ликовни уметности – отсек графика и магистерски студии – отсек сликарство завршува на Факултетот за ликовни уметности во Скопје.
Кавадаречкиот уметник е основач и организатор на ликовна колонија во Кавадарци, што постои речиси 30 години, а има учествувано на многубројни самостојни и групни изложби, колонии и други културни настани, освоено бројни награди во земјава и во странство.
Дела на Темков низ годините биле дел од изложби во големи светски културни центри како Њујорк, Париз и други градови низ светот, а самиот има реализирано студиски престои во повеќе светски културни метрополи.