Воведен текст кон изложбата напиша Јасминка Намичева.
Димитар Кондовски (1927–1993) е еден од клучните автори во современото македонско сликарство: сликар, илустратор, сценограф и професор, со опус што маестрално ја вкрстува модерната стилизација со средновековно-византиската традиција, орнамент и симбол.
Во својата уметничка продукција за детска и младинска литература, Кондовски вградил огромно илустраторско искуство, зад кое биле отпечатени импозантен број на илустрирани детски книги. Сепак, исклучителна вредност имаат илустрациите кои го окупираат вниманието на сликарот Кондовски, во периодот од 1982 до 1984 година, кога тој бил насочен кон разработката на текстовите од македонските бајки и народни приказни.
„Резултатот од ова ликовно патешествие на Кондовски се седум бајки со 82 цртежи. Издвојувајќи ги од огромниот опус на илустрации кои Кондовски ги изработил за најразлични книги, најчесто детски лектирни изданија, детски ТВ емисии, или сценографски решенија за детски претстави, оваа збирка илустрации сама за себе отсликува еден одделен универзум, обоен со пребогат колорит отсликан од македонското сонце, врз шаренилото на декорациите од богатиот етнолошки трезор, збогатени со волшепствата и вонземските суштества пресликани од богатата народна имагинација и, секако, мајсторски ‘зачинети’ со карактеристични обележја на секоја култура во која се развива приказната со бајковитите јунаци.
Во време кога детската имагинација е преплавена со виртуелни слики, илустрациите на Кондовски се доживуваат како вечен калеидоскоп на бои и значења. Со овој проект, ‘Димитар Кондовски и македонските бајки’, ние зачекоруваме во свет каде уметноста не е само украс, туку духовен водич. Тоа е свет во кој детето учи да сонува, а возрасниот повторно ја буди заспаната убавица во себе“, напиша Јасминка Намичева.






