„Изложбата претставува визуелно истражување на концептот на хармонија како состојба на рамнотежа, емпатија и заедништво. Во контекст на современите урбани средини, какви што се Скопје и Истанбул, обележани со неизвесност и динамични општествени и еколошки предизвици, проектот отвора простор за дијалог, рефлексија и повторно поврзување“, велат од КИЦ Истанбул.
Инспирацијата произлегува од поимот „хармонија“ како „усогласување“ или „спојување“, кој преку делата добива подлабока филозофска димензија – баланс на спротивностите и заедничко постоење. Особен акцент е ставен на природата како простор каде оваа рамнотежа најјасно се манифестира, но и како систем кој бара грижа и заштита.
„Преку визуелна уметност и концептуален пристап, изложбата „H.O.P.E.“ го поставува прашањето за можноста хармонијата да се живее, а не само да се замислува, при што надежта се појавува како колективен процес – создадена и одржувана преку заедничко искуство“, се вели во соопштението од КИЦ Истанбул.






