„Порти кон бескрајот“ е ретка можност прилепската јавност да се сретне со досега необјавени дела од уметник чие визуелно наследство одамна е втиснато во генотипот на градот – но без да го препознаеме како такво. Фонтани, споменици, обележја – секој од нас минал покрај некое негово дело, а малкумина знаат кој стои зад нив.
Изложбата го отвора сликарскиот свет на Илија Кочоски, уметник, архитект и автор на бројни јавни уметнички интервенции во Прилеп и пошироко, кој со децении делува тивко, но длабоко. Делата што ќе бидат изложени се создадени во еден продлабочен и самосвојен период на неговото творештво, а досега никогаш не се прикажани пред публика.

Овие слики не се создадени за декорација, туку како прашалници впишани во материја. Секоја од нив повикува – да се застане, да се вдише, да се зачекори нанадвор од рационалното. Во нив има нешто древно и истовремено потполно лично. Како иконите – не поради религиозноста, туку поради внатрешната строгост, ритамот и повторливоста, нивната скриена моќ на присуство.
Материјалите што Кочоски ги користи – бакар, дрво, масло, златни клинци – не се тука заради ефект, туку како наталожени слоеви на искуство: како тавите од нашето секојдневие, куполите од храмовите, прагот од старата куќа. Во нив се спојуваат ритуалот и интимата, светото и секојдневното.
Изложбата е поделена во два циклуса. Првиот, инспириран од мотивот на „Тајната вечера“, е геометриска и колористичка медитација – наспроти вториот, кој отворено се прашува за еволуцијата на свеста, за присуството на човекот во космосот, и за границите на духовното и материјалното. Тие „порти“ не водат во простор – туку во состојба.
Во време кога визуелното брзо се конзумира и уште побрзо се заборава, овие дела бараат да се остане со нив. Да се гледа подолго. Да се почувствува нешто што не се кажува лесно.
Изложбата е поддржанa од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.






