недела, 14 декември 2025

Изложба на 42 македонски уметници во КИЦ Софија

На 19 септември во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата на Друштвото на ликовните уметници на Македонија со наслов „Експериментален цртеж“.

Објавено на

часот

Сподели

Изложбата ќе биде отворена во присуство на претседателката на ДЛУМ – проф. д-р Јана Манева Чупоска, претставници на управниот одбор, совет и членови на Друштвото.

Учествуваат 42 ликовни уметници: Синиша Новески, Иво Пецов, Јасмина Главинче, Стефан Младеновски, Татјана Ристовска – Керакамика, Јана Јакимовска, Ана Ивановска, Ненад Тонкин, Ирена Паскали, Дејан Иванов – Маргуш, Дијана Томиќ-Радевска, Марина Цветановска-Мартиновска, Стефан Јакимовски – Стеф, Марија Сотировска-Богдановска, Марија Мицова-Гацова, Кирил Гегоски, Валентина Илијевска, Ристо Мијаковски, Љубица Мешкова-Солак, Гоце Божурски, Ивона Велковска, Страхил М. Петровски, Борче Богоевски, Трајче Чатмов, Ангел Димовски, Душан Георгиевски, Златко Глигоров, Ана Спасова, Христина Зафировска, Ацо Таневски, Стефан Анчевски, Филип Јовески, Јана Манева-Чупоска, Јовица Мијалковиќ, Шќипе Мехмети, Софија Грабулоска, Златко Хаџи Пецов, Анета Стојчевска, Драган Вреговски – Алпи, Марија Чепешиева, Слободан Милошески, Љупка Делева.

„Ако класичниот цртеж во својот израз мора да ги содржи сите ликовни елементи и принципи во една класична композиција, контрапост на ваков ликовен концепт е обидот на авторите да креираат нов визуелен експеримент во цртежот со рекомпонирање на сите ликовни елементи и принципи. Улогата на експерименталниот цртеж е да ги поместува границите на класичниот цртеж. Со своите неограничени методи на експериментирање и изразување, се креира концептуална форма која има за цел да создаде целосно нова композиција, преку различните техники, но и различниот мисловен концепт на поставка на самото дело. Визуелна та експерименталност се обидува да ги прошири границите на уметниковата форма, креирајќи авангардна ликовна уникатност, наметнувајќи нови идеи наспроти традиционалните концепти на изразување. Изложбата ‘Експериментален цртеж’ која е дел од програмските изложби на ДЛУМ претставува една од најзначајните изложби. Во својот континуитет на реализација се забележува нејзиниот квалитет во изразување на уметничкиот обид на авторите за креирање на цртежи со метафоричен и слободен визуелен израз. Експериментот во творештвото на уметниците, не се акцентира само во техниката на изразување туку и во тематскиот концепт на изразување. Темата како ликов но наративен и концепциски пристап е исто така дел од самото уметниково изразување, каде во комбинација со техниката на изразување, авторите сублимираат целосно нов експериментален ликовен концепт.

ДЛУМ ќе продолжи да го негува ваквиот авангарден концепциски пристап во своите програмски изложби. Авторите и во иднина ќе имаат можност да бидат дел од вакви креативни концепти каде експериментирањето со уметноста ќе биде предизвик за сите творци кои се пронаоѓаат на овој ликовен хоризонт“, напиша за изложбата проф. д-р Јана Манева Чупоска, претседател на Друштво на ликовни уметници на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ