„Оваа манифестација е од големо значење за нас Македонците во негувањето на традициите и фолклорот, која финансиски ја поддржува албанското Министерство за култура. Очекуваме голема посетеност како од Македонците кои живеат во Тирана, така и од други делови на Албанија“, изјави за МИА претседателот на МД „Илинден”, Никола Ѓурѓај.
Според него, на оваа значајна манифестација за Македонците, ќе учествуваат фолклорни групи од областите Гора, Голо Брдо и Мала Преспа, сите со македонски песни и ора од споменатите области.
Гости на вечерта се очекува да бидат членовите на театарот „Скрб и утеха” од Скопје.
Фестивалот ќе се одржи на 17 овој месец со почеток во 16 часот, во амфитеатар Тирана (голем парк кај вештачкото езеро во Тирана), а влезот е слободен.
Првиот фестивал беше одржан на 9 јуни 2019 година, но поради пандемијата и анти-ковид мерките во изминатите две години оваа манифестација не беше одржана.






