Во изложбата „Игри без граници“, се среќаваме со едно исклучително зрелo, истражувачко и апстрактно творештво. Делата на Хоџа Имери се резултат на неуморно истражување на техниката, но и на духовноста. Таа користи различни графички пристапи – од сува игла, акватинта, до висока преса – и ги комбинира во хармоничен визуелен јазик, каде што формата станува симбол, а бојата – емоција.
Хоџа Имери гради композиции преку геометриски форми: кругот го симболизира животниот циклус, квадратите и правоаголниците внесуваат ред и стабилност, додека иксот е место на средба меѓу времето и битието – но и потсетник на човечката немоќ да ги разбере сите тајни на постоењето. Во нејзините дела неретко се чувствува и присуство на женскиот лик, вткаен во длабоките слоеви на текстурата и значењето.
Хоџа Имери, чие творештво ја спојува интуитивната креативност со дисциплината на графичката уметност, во оваа поставка нуди визуелна нарација која ги надминува рамките на медиумот и ги поканува посетителите на тивка внатрешна рефлексија.
Теута Хоџа Имери е графичка уметница и педагог (1986, Струга), активна на македонската културна и образовна сцена. Средното образование го завршува во родниот град, по што дипломира на графичкиот отсек при Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Своето академско усовршување го продолжува со магистерски студии во Приштина. Денес живее и твори во Скопје, каде што паралелно ги развива својата уметничка и педагошка практика.