„2025 година беше извонредна година за ‘Охридско лето’, исполнета со врвни уметнички изведби, свежина во програмата и инспиративна енергија од публиката. За нас како A1 Македонија, ова партнерство е потврда на нашата корпоративна стратегија – да ја приближиме културата и уметноста до сите граѓани. Горди сме што сме дел од фестивал што успешно ги комбинира наследството и традицијата со современите уметнички тенденции. Со оваа соработка ја зацврстуваме нашата визија за долгорочна поддршка на културните иницијативи и со големо задоволство ја најавуваме продолжената улога на A1 Македонија како генерален спонзор и во наредните години“, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на A1 Македонија.
„Со особена чест сакам да соопштам дека јубилејното 65-то издание на фестивалот ‘Охридско лето’ беше едно од најуспешните досега, со повеќе од 36 концерти и уметници од целиот свет. Годинава го официјализиравме и стратегиското партнерство со А1 Македонија, кое овозможи фестивалот да се развива и надвор од летните месеци. Во рамките на постфестивалската програма најавуваме два значајни концерти и тоа на 29 ноември во Македонската филхармонија и на 20 декември во Охрид, каде што влезот ќе биде бесплатен како наш подарок за верната публика. Фестивалот продолжува да расте со поддршка од Министерството за култура и туризам, Претседателот на државата, нашите партнери и спонзори“, изјави Ѓорѓи Цуцковски, директор на „Охридско лето“.
Партнерството меѓу A1 Македонија и „Охридско лето“ претставува пример за успешна синергија меѓу корпоративната одговорност и културната традиција. Со финансиска, логистичка и техничка поддршка, A1 ја унапредува достапноста до културата и ги поврзува технологијата и уметноста на современ и иновативен начин, соопшти компанијата.

Во знак на признание за континуираната поддршка и зајакнувањето на фестивалските иницијативи, директорот на НУ „Охридско лето“ на овој настан му врачи симболична благодарница на главниот извршен директор на A1 Македонија, Методија Мирчев.






