петок, 3 април 2026

„Хаос“ утревечер премиерно на сцената на штипскиот театар

„Хаос“ е новата премиера на штипскиот театар. Претставата е работена по мотиви од текст на Мика Милиахо, а во режија на Александар Ивановски. Во соопштението од Театар Штип се вели дека „Хаос” е современа драма, која преку силни ликови и напната атмосфера ја истражува човековата состојба, односите и границите на моралното и општествено прифатливото.

Објавено на

часот

Сподели

Во соопштението од Театар Штип се вели дека „Хаос” е современа драма, која преку силни ликови и напната атмосфера ја истражува човековата состојба, односите и границите на моралното и општествено прифатливото. Тоа е драма која преку интензивни дијалози и психолошка длабочина ги истражува кршливите човечки односи, моралните дилеми и притисокот на општествените норми. Во свет каде редот се распаѓа, ликовите се соочуваат со сопствените стравови и вистини.

„Три жени. Три животи. Еден момент кога се’ почнува да се распаѓа. Софија, Јулија и Еми се пријателки кои се обидуваат да останат силни во свет полн со притисок, очекувања, работа, љубов и стравови, но кога секојдневните проблеми почнуваат да излегуваат од контрола, нивните животи влегуваат во вистински хаос“, се посочува во соопштението.

Во претставата играат, Ава Хусеини како Софија, Марија Минчева Андонов како Јулија и Кристина Атанасова Арсова како Еми.

„Вистински предизвик за актерките е тоа што, освен главните ликови, ги играат и сите останати ликови во претставата. Тоа значи дека публиката во оваа претстава ја очекува возбудливо патување низ цел спектар на емоции, состојби и трансформации, бидејќи ‘Хаос’ е претстава за стресот, осаменоста, пријателството и борбата да се остане нормален кога се наоколу се руши, претстава за секој човек што некогаш почувствувал дека не може повеќе – а сепак продолжил понатаму“, велат од Театар Штип.

Премиерата е на 4 април, со почеток во 20 часот, на сцената на Театар Штип. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ