Презентацијата на дел од нејзината песни, во топол и срдечен амбиент, беше доволна за публиката да заклучи дека во светот на поезијата влегува уште една даровита авторка, која пишува инспирирана од своите чувства и од својот живот.
Промотор на нејзината стихозбирка беше поетот Горан Анчевски, член на Друштвото на писателите на Македонија, а за неа зборуваа и прочитаа дел од нејзините песни и хуманистот и уметник Живко Поповски Цветин, поетесата Лидија Лучко Јеремиќ, оперската уметница Маја Павловска, актерката Билјана Драгиќевиќ Пројковска, професорката д-р Ванѓа Радевска, и новинарките Јелена Маленкова и Валентина Ѓоргиевска Парго.
Зад ликовното уредување стои „Култура”, а книгата е издадена со помош на Министерство за култура.

Оваа поетеса, е академски музичар, пијанистка, музички теоретичар и музички педагог. Родена е во Скопје. На четиригодишна возраст кога научила и течно да чита, била примена во музичкото училиште „Илија Николовски Луј” каде почнува да изучува клавир, а потоа освојува многу награди. На 12-годишна возраст освојува прва републичка и сојузна награда на ниво на СФРЈ.
Три децении работи како дипломиран професор по музика и две децении се посветува и на работата со деца и млади кои се со посебни потреби.
Настанот се одржа во Културниот центар „Ко-Ра”, на 11 декември.






