сабота, 13 декември 2025

Голема балканска турнеја на „Танец“

Националната установа-ансамбл за народни игри и песни „Танец“ ја најави големата балканска турнеја која претставува исклучителна можност за публиката низ регионот да го доживее богатството и убавината на македонскиот фолклор преку врвните изведби на уметниците.

 

Објавено на

часот

Сподели

Турнејата насловена „Ритамот на душата-бојата на традицијата“, ќе опфати повеќе градови во соседните земји – 24 септември во Културниот центар „Матија Петар Катанчиќ“, Валпово, Хрватска; 26 септември во „Прешерново Гледалишче“, Крањ, Словенија; 28 септември во Das MuTh – Konzertsaal, Bühne & Programm, Виена, Австрија; 30 септември во Домот за култура Лакташи, Лакташи-Босна и Херцеговина.

Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма која вклучува дел од најпознатите и најавтентичните македонски народни ора и песни, како и некои од поновите кореографии кои сведочат за постојаниот развој на ансамблот.

„Танец“ повеќе од седум децении е амбасадор на македонската култура ширум светот, а оваа турнеја е уште еден чекор во мисијата за негување и промоција на нашето културно наследство. Со своите впечатливи костими, автентична музика „Танец“ носи парче од македонската душа на секоја сцена, соопшти оваа национална станова.

Оваа турнеја има за цел да го претстави и промовира богатото културно наследство пред пошироката публика во регионот, зацврстувајќи ги културните врски и пријателства меѓу народите.

Настапите на „Танец“ ќе бидат вистински празник за очите и душата, публиката ќе има можност да ужива во безвремените ритми и движења на „Копачка“, „Мијачка“, „Солунка“ и многу други, изведени со автентични носии и исклучителна енергија.

Оваа турнеја е културна мисија и со истата ќе покажеме дека нашата традиција и уметност се живи и дека можат да ги обединат луѓето преку убавината на музиката и играта, соопшти ансамблот „Танец“.

Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“ е основан во 1949 година и претставува еден од најзначајните чувари на македонското културно богатство. Со своите 76 години постоење, „Танец“ настапува на најпрестижните светски сцени, добивајќи признанија за својата уметничка изведба и зачувување на традицијата. Нивната мисија е да ја негуваат и промовираат македонската народна култура низ целиот свет.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ