„Станува збор за презентација на 30-ина дела од најзначајните циклуси на авторот Анастасов, што се дел од колекцијата на галерија ‘Јустина и Родољуб Анастасов’, вредна донациска збирка што брои околу 400 дела што потекнуваат од различни временски периоди – од 1957 до 2010 – и претставува своевиден пресек на повеќе ликовни стилови и тенденции во современата македонска ликовна уметност. Овие дела се белег за автентичниот и единствен по многу особености креативен опус на Анастасов. Овогодишната изложба претставува еклектичен избор од неколку циклуси на Анастасов, слики од циклусот на кој му е најдолго посветен – ‘Човек и простор’, импресивните цртежи од циклуситe ‘Почеток’, ‘Делување на елементите’, ‘Промена на обликот’, ‘Трансфигурирање’, сите изведени во техника – туш на хартија, создадени во периодот помеѓу 1957 – 1960 година и што припаѓаат на т.н. енформелска лабораторија“, се наведува во соопштението.
Феномените на просторот, универзумот, на вертикално – хоризонталниот контраст, како што се додава, Анастасов ги изнесува со симболичен, психолошки набој што го карактеризира неговото творештво.
„Меѓу строгоста на формата и меланхолијата, тој го истражува просторот во и околу човекот, надворешниот – реален и физички и внатрешниот – имагинарен и метафизички. Како контратежа на сцените со раздвижени толпи на луѓе во кои речиси можете да го слушнете уличниот џагор, се насликани тивките, осамени, широки пространства во кои човекот е изолиран и сам како во пустина. Понекогаш авторот се става во улога на тивок и дистанциран набљудувач на светот околу него, свет што се наоѓа надвор од неговиот прозорец…“, пишува во соопштението.
Се додава дека со огромна сугестивност и поетика, Анастасов ја слика драматиката и динамиката на животот, неизвесноста на времето во кое живееме, секогаш оставајќи зрак надеж дека светот и човештвото можат и мораат да бидат подобри.
„Следејќи ја досегашната концепција на поставки и оваа изложба е годишна, односно ќе биде поставена и ќе трае во временскиот период – од декември 2025 до декември 2026, во галерија ‘Јустина и Родољуб Анастасов’, Музеј на град Скопје“, потенцираа од установата.






