недела, 7 декември 2025
Меѓународниот ден на операта - 25 октомври

Гиновска Илкова: Операта е обединувач на различностите, сојузник на младоста и мудроста

Операта е една од најсложените музички форми во која, низ музиката, се одвива драмско дејствие, каде на сцената делуваат солисти, хор, оркестар, a во одредени опери, и балет. Ја славиме синтезата на музика, поезија и танц која има огромна моќ и влијание врз општеството, порача меѓу другото македонската оперска уметница Весна Гиновска Илкова по повод Меѓународниот ден на операта – 25 октомври.

Објавено на

часот

Сподели

„Таа вековна творевина од хармонии и бои, музички и драмски колорити, преплетена во епохите низ различни стилови, која допира длабоко во душата на секој поединец и зрачи со својата енергија и моќ, нè спојува со уметникот, неговиот дух и креативност, неговата ранливост и емотивност, неговата потреба за проникнување во најдлабоките чувства како доказ дека е жив, опстојува, твори. А што е операта ако не игра? Игра на гласот, говорот, телото. Игра со чувствата, емоциите, радоста, тагата. Игра во времето“, вели Гиновска Илкова во пораката по повод Меѓународниот ден на операта – 25 октомври.

Потсетувајќи на првите напишани опери, Гиновска Илкова потенцира дека значајно е да се каже дека со создавањето на операта се појавуваат и неколку школи за оперското пеење. Италијанската, германската и француската школа.

„Секоја од нив, во техничка смисла, носи карактеристика која произлегува од говорниот јазик. Во 17 и 18 век доминираат двајца големи композитори, Кристифор Вилибалд Глук и Волфганг Амадеус Моцарт. Наречени реформатори, тие оставаат неизбиршлива трага во музичката историја. Низ стилските епохи од ренесансата преку барокот, класицизмот, романтизмот, па сè до импресионизмот, операта добива свој разој. Но, времето на романтизмот несомнено е  период на богата оперска литература, кога композиторите ги создаваат оперските дела инспирирани од легендите, историското минато, националниот фолклор и каде мелодијата е обоена со динамички контрасти, богата хармонија и широка пеачка линија“, вели Гиновска Илкова во пораката.

Осврнувајќи се на македонското оперско творештво, Гиновска Илкова потсетува дека оваа година го славиме јубилејот 100 години од раѓањето на автоторот на првата македонската опера „Гоце“, композиторот Кирил Македонски, која го означува почетокот на развојот на операта во Македонија.

„Богатството од македонски опери е извонреден пример за растот  на нашата оперска култура која со своите дела придонесува за зголемување на нашето културно богатство. Трајко Прокопиев, Тома Прошев, Ристо Аврамовски, Стојан Стојков, Благој Трајков, Димитрие Бужаровски се дел од авторите на оперските бисери, а преку нивните опери ‘Цар Самоил’, ‘Болен Дојчин’, ‘Разделба’, ‘Кузман Капидан’, Лидија од Македонија’, Змејовата невеста’, ‘Деспина и мистер Докс’ проникнуваат гласовите на моите колеги, еминентни уметници, секогаш  испратени со громогласни аплаузи од страна на публиката. Со овој краток осврт кон историјата на операта сакам да ја потенцирам развојноста и вековното опстојување на оваа уникатна форма на музички израз каде и самата како уметник долги години учествувам во нејзиното претставување. Лично, сиве овие изминати години на работа и творење, ми дозволуваат да донесам заклучок дека и покрај разни премрежија во политичкиот и општествениот живот кај нас и во светот, операта како дел од културата е обединувач на различностите, сојузник на младоста и мудроста, величина пред аудиториумот“, потенцира Гиновска Илкова.

На младите уметници им порача да бидат трпеливи и подготвени, да знаат дека развојот на еден уметник мора да биде природен и постепен, зашто секој период од животот на уметникот во уметноста има развојна фаза, проследен со многу одрекувања, со дисциплина и посветеност, верба во себе и својата работа.

„Само тогаш нема да потклекнат на бодежите од надворешноста. Конечно, Македонија е земја каде вирее музиката и седумосминскиот такт. Да продолжиме да создаваме и креираме музика зошто никогаш повеќе не ни требала културата нам, и ние нејзе!“, заклучува во својата порака Гиновска Илкова по повод Меѓународниот ден на операта – 25 октомври.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ