Фестивалскиот тим ги поканува основците од над петто одделение и нивните родители на проекцијата на „Стела“ во времетраење од 91 минута во 18.30 часот на Европскиот универзитет – Скопје.
„Филмот е дел од училишниот систем во скандинавските држави и е посветен на овчарското куче Стела кое е единственото кое може да ја врати вербата во животот на 11 годишно малтретирано дете. Ова дете не може да најде поддршка меѓу луѓето и неговата надеж во животот доаѓа од овчарското куче“, се вели во најавата за филмот, наградуван во државава и странство (Русија, Франција, Кина, Шпанија, Србија, Аргентина, Чешка…), Режисер на филмот е Стојан Вујичиќ, а продукцијата на Дрим фактори, Македонија /Србија /Германија, 2020.

Според програмата, утревечер во 18 часот ќе се одржи Форум на хумани вредности „Знаењето е здравје“ со протококи на природната медицина, за кои предавач е Алберто Вргач од Србија, основач на Центар за здрав начин на живот.

По форумот, во 19:30 часот ќе биде прикажан „Доброчинител“, документарно игран филм, на продуцентот Милан П. Киќевац и режија на Бошко Милосављевиќ.
„Филмот ги прикажува најважните моменти од животот на големиот српски финансиер на задужбини Симо Андрејевиќ Игуманов и патот што го поминал за да ја постигне својата цел, а тоа е величествената задужбина во Призрен и величествената палата во Белград. Филмот премиерно се прикажува во Македонија“, информираат од „Богородичен покров“ за 45-минутниот филм во продукција на Култур Србија и ЛХС студио, Србија, 2023/2024.

Фестивалот завршува на 14 декември со историската драма „13-тиот ДЕН“, долгометражен игран филм од 84 минути, чија проекција е во 19 часот на Европскиот универзитет Скопје.
„Во свет растргнат од прогон, војна и угнетување, три деца беа избрани да ја пренесат пораката на Пресвета Богородица за надеж на светот. Ова е едно од најголемите чуда на Пресвета Богородица во историјата на светот, кога Сонцето танцуваше на небото на 13 октомври 1917 година, во португалскиот град Фатима. Според критиките, ова е совршен и најдобро снимен филм на овој настан во историјата на кинематографијата“, информира фестивалскиот тим.
Филмот е во продукција „13TM DAY” Films, Обединето Кралство, 2009.






