И покрај посветеноста на филмската фела и резултатите што ги постигнува, условите во кои работат филмските работници ретко нудат стабилност или сигурност. Несигурните ангажмани, непредвидливите финансиски циклуси и ограничената правна и социјална заштита, се дел од секојдневието на многумина во индустријата. Во такви околности, градењето долгорочна професионална кариера станува исклучок, а не правило.
Често се заборава дека филмот не е само уметнички израз, туку и професија која бара јасни правила, стабилни услови за работа и институционална поддршка. Кога тие услови изостануваат, последиците не се чувствуваат само кај поединците, туку и врз квалитетот и одржливоста на целокупната продукција.
Дел од филмската фела смета дека институциите што треба да го развиваат секторот – Агенцијата за филм и Министерството за култура треба да обезбедат јасни правила и предвидливи политики, бидејќи само така може да се обезбеди долгорочен кариерен развој на филмските работници и на целата филмска индустрија во земјата.
Од Друштвото на филмски работници на Македонија подолго време предупредуваат дека е потребно системско унапредување на условите во кои функционира филмската индустрија. Според нив, долгогодишната практика на недоволно јасни процедури, ограничена отчетност и нестабилна поддршка за авторите и екипите создава атмосфера на неизвесност во сектор кој, парадоксално, во меѓувреме успева да се пробие и на меѓународната сцена.
Во овој контекст, клучна е улогата на Агенцијата за филм на Македонија и Министерството за култура. Филмскиот систем, велат од фелата, мора да се темели на транспарентност, професионалност и предвидливост. Без јасни правила и процедури, филмската индустрија тешко може да се развива како стабилен културен и економски сектор, а наместо тоа останува заробена во циклуси на неизвесност и ад-хок решенија.
ДФРМ се залага за воспоставување стандарди усогласени со европските практики. Тоа подразбира транспарентни јавни повици, јасно образложени одлуки и евалуација на проектите што ќе се темели на квалитет, искуство и развоен потенцијал, наместо на неформални влијанија. Во време кога европската соработка е клучна за видливоста и конкурентноста на малите кинематографии, ваквите стандарди се повеќе неопходност отколку избор.
Токму затоа, од Друштвото повикуваат на соработка меѓу филмската заедница, институциите и носителите на одлуки. Наместо конфронтации и поделби, велат, потребна е заедничка работа на реформи засновани на факти и професионализам.
Македонската кинематографија, според многумина во фелата, има потенцијал, талент и меѓународна препознатливост. Она што сè уште недостига е стабилен и правичен систем што ќе им овозможи на луѓето кои стојат зад филмовите да ја градат својата професија со достоинство и сигурност.






