петок, 27 март 2026

Европска куќа го одбележа Светскиот ден на поезијата со неколку настани низ Македонија

По повод Светскиот ден на поезијата, „Европска куќа“ реализираше настани што обединија поети, уметници и публика, кои заедно го одбележаа овој ден преку јазикот и дијалогот. Главните настани се одржаа во „Европска куќа“ – Скопје и „Европска куќа“ – Тетово, со фокус на поврзување на поети кои творат на македонски и албански јазик. Овие настани создадоа простор каде поезијата се доживува како заеднички јазик, надвор од разликите и бариерите, соопштија вечерва од „Европска куќа“.

Објавено на

часот

Сподели

„Во Скопје, настанот ‘Меѓу два стиха – Ndërmjet dy vargjeve’ беше замислен како поетски дијалог меѓу јазиците. Секоја песна најпрво се читаше во оригинална верзија, а потоа се пренесуваше преку препев на друг јазик, овозможувајќи публиката да го почувствува значењето на стиховите и на двата јазика. Свои поезии читаа: Марија Велинова, Лира Бојку, Ивана Јовановска, Валдета Дулахи, Стефан Спасовски и Калприна Садики, додека модератори на настанот беа Арлинда Бафтиу и Андреј Медик Лазаревски“, информираа од „Европска куќа“.

Ваквиот формат, како што посочија, овозможил директна интеракција со публиката и создал уникатно искуство изградено преку поезијата.

„Во Тетово, настанот ‘Кога зборовите стануваат слики – Kur fjalët bëhen imazhe’ донесе интеркултурен креативен експеримент што ја поврза поезијата со визуелната уметност. Под модераторство на Ера Ѓакова, поети читаа на својот мајчин јазик, додека присутните паралелно го преточуваа слушнатото во цртежи. Овој интуитивен процес ги поттикна учесниците да реагираат не само на значењето, туку и на емоцијата на секоја поезија. На тој начин се создаде дијалог во кој јазичните бариери се надминуваат, а поезијата се доживува и преку збор и преку слика“, додадоа од „Европската куќа“.

Одбележувањето на Светскиот ден на поезијата се реализирал и во Струга, како што нагласија, град со силен поетски идентитет.

„Како град на поезијата, Струга има посебно место во културниот пејзаж во земјата, затоа и голем дел од активностите се насочени кон негување на поетскиот израз и кон поддршката кон уметноста, при што ‘Европска куќа’ и оваа година ќе ја поддржи ‘Енхалон наградата’ во рамки на фестивалот Струшки вечери на поезијата“, се додава во соопштението.

Преку овие активности, како што се истакнува, „Европска куќа“ ја зацврстува својата посветеност кон дијалогот, културната размена и уметничкото изразување.

„Со обединување на различни јазици и заедници, овогодишното одбележување на Светскиот ден на поезијата создаде момент на поврзување, каде поезијата се покажа како заедничка точка на разбирање“, се нагласува во соопштението.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ