Изложбата ќе биде поставена до 14 септември.
Жанета Вангели активно твори и учествува на македонската ликовна сцена од средината на 1980-тите па до денес, навестувајќи ги атиципациските текови на уметноста со моќен, интуитивен, директен, продорен, семантички конципиран и длабоко конотиран авторски израз. Внесувајќи нови и радикални промени во визуелниот хоризонт на овие простори, со ова ретроспективно претставување, таа одново го актуализира прашањето за релевантноста на ликовниот говор низ тропите на современата уметничка агора.
Ретроспективниот проект/концепт Архив II, 1985–2025: Епифанија е втор дел од творечкиот опус на Жанета Вангели претставен во Музејот на современата уметност – Скопје (2017). Првото ретроспективно претставување Архив, 1987–2017: Синхроницитети даде една (по)целосна слика за творечките етапи на Жанета Вангели во период од триесетина години. Имајќи ја предвид самата концепција на тогашното претставување, во рамки на првата ретроспективна изложба останаа недопрени значајни позиции од нејзините архиви кои се заветиле на времето на преобмислување.
Архив II е и можност да се погледне ’однадвор-внатре‘, во смисла на деридијанското hors de soi en soi, отворајќи комуникација со чинителите на визуелниот дискурс и излагачките кластери на Вангели. Архивата е привилигирана хетерогена збирка, онтолошки извор со генеричко значење, парадигматски и конкретен ентитет со инхерентно израмнувачка еквивалентност и потенцијална – протонадворешност. Задавајќи нови референцијални рамки и реконструкција врз нова, дијалектичка основа, Вангели покажува неисцрплив потенцијал за класифицирање и групирање, поврзување и раскажување, за ризомирање низ различните документарни и уредувачки поетики. Преиспишувањето во овој уметнички контекст се одвива по пат на архивско преисчитување – поврзување со искуството од минатото како припадност или од сегашноста како коприпадност. Контекстот на позиционирање [mise en place] на архивската граѓа се одвива по пат на нивоа, конституирани од мноштво записи релациски врзани за полиликовната синтагма – Архив II, 1985–2025: Епифанија како собирна поетика.
Поставувајќи го концептот ’епифанија‘ во актуелните дискурси на критичката и естетската рецепција, Вангели одново го позиционира преиспитувањето на ликовната структура како идеја, отворајќи го ’пројавувањето‘ низ одразот на уметноста кон можноста за нови херменевтички, социолошки, философски, семиолошки и теориско-перформативни читања.
Како ликовна проекција, Архив II смело се вградува во антиципативниот дијалог меѓу уметноста, културолошкиот и општествениот дискурс, поставувајќи јадровити и незаобиколни прашања кои ги артикулираат логичните дијаграми на сетилното, на континуирано градената перцепција и проследувачкото набљудување на светот низ и околу себе.
Низ овој творечки опус, Вангели ги преиспитува границите и можностите на ангажираните медиуми – класичната и големоформатната фотографија во различни жанрови, фрејмографијата, звучната и видео-уметност, плотер-уметноста, објектите. Истражувајќи ја сложеноста на трансдисциплинарноста и современата уметност како процес на континуирана рефлексија, нејзините експериментални практики се показател за широка примена на медиумски конвергенции, на интер- и трансмедијални практики, на постапките на ремедијација и дигитална редимејд пракса, на креирање на моно- и поливизуелни записи, на компјутерско уредување и архидигитално спопоставување.

Како резиме на творештвото од четири декади, проектот Архив II, 1985–2025: Епифанија ги претставува ликовните настојувања во континуитет на креативниот процес, осветлувајќи ја естетската линија во поширокиот ликовно-естетски, културно-антрополошки и општествено-политички контекст. Архивската граѓа на Вангели произлегува од дијалогот меѓу она што значи изјава [statement] и коментар [comment], надворешност [exterior] и внатрешност [interior], рефлексивност [reflectiveness] и самокритичност [self-criticism], останување и опстојување во сопственото (ликовно и творечко) настојување.
Водена од внатрешната неопходност, творечкиот импулс и слоевито манифестирана духовност, низ вкупниот творечки опус, Вангели проникнува во сржта на уметничкото обликување, поетички меандрирајќи низ трансеквивалентноста на ликовниот и философскиот израз, напиша за изложбата Натали Рајчиновска-Павлеска.
Овој проект на Националната галерија на Македонија финансиски е поддржан од Министерството за култура и туризам.






