понеделник, 9 март 2026

Емоции, хитови и преполна сала: Лозано приреди незаборавен концерт во „Борис Трајковски“

Македонскиот пејач Влатко Лозановски – Лозано, синоќа во Спортски центар Борис Трајковски приреди концертна вечер исполнета со емоции, хитови и силна енергија, која долго ќе им остане во сеќавање на илјадниците обожаватели.

Објавено на

часот

Сподели

Салата беше исполнета до последното место, а концертот со наслов „Километри љубов“ донесе богата сценографија, проширен бенд, танчарки и внимателно осмислена сценска приказна. Низ сцената што се протегаше низ публиката, Лозано често се движеше, создавајќи поблиска врска со присутните. Танчерските точки, во изведба на балерините од танцовото студио „Бах“ од Струга, дополнително ја збогатија атмосферата на музичкиот спектакл.

Концертот започна со еден од неговите најпрепознатливи хитови – „Мандарина“, со што веднаш ја крена атмосферата во салата. Поздравувајќи ја публиката, Лозано не ја криеше возбудата.

„Пред мене имам прекрасна глетка. Драго ми е што ве гледам во толку голем број. Вечерва уживајте, не се срамете да танцувате и да пеете“, им порача тој на присутните.

Во текот на вечерта се нижеа песни што ја одбележаа неговата кариера, меѓу кои „Надеж“, „Блиску до мене“, „Со тебе поубав е денот“, „Како тебе нема друга“, „Бонбона“ и „Душо варљива“. Еден од најсилните моменти беше за време на големиот хит „Сонце не ме грее“, кога пејачот ја препушти песната на публиката, а илјадници гласови ја испеаја во еден здив.

Особено емотивен беше делот посветен на членовите на групата ДНК, кога Лозано изведе два нивни хита во чест на своите пријатели, со кои соработувал и се дружел со години.

Еден од најтоплите моменти на вечерта беше кога на сцената Лозано се појави во раце со неговиот син Марко, облечен во маичка со натпис „Километри љубов за тато“, што публиката го поздрави со силен аплауз.

На концертот му се придружија и музички гости. Александра Јанева заедно со Лозано ја изведе песната „Не те вадам јас од памет“, а подоцна на сцената се појави и Никола Перевски – Пере од групата Нокаут, со кого ја испеаја „Лебедот бел“.

Во чест на Меѓународниот ден на жената – Меѓународен ден на жената, Лозано им го честиташе празникот на присутните дами и им подели црвени рози на жените во првите редови. Цвеќе и прегратки имаше и за неговата мајка која го прегрна и со гордост го следеше концертот на најзиниот син.

Во вториот дел од концертот, пејачот седна и на пијано, изведувајќи дел од своите омилени македонски песни, меѓу кои „Не кани ме“ од Миле Кузмановски, како и „Громови на душа“ од легендарниот Тоше Проески, која публиката ја пееше во еден глас.

По речиси два часа одлична музика, концертот „Километри љубов“ заврши со песната „Мандарина“, со која Лозано ја започна вечерта, заокружувајќи ја музичката приказна исполнета со емоции, хитови и силна врска со публиката.

Моментите од вчера долго ќе останат во срцата на сите кои вчера во еден глас пееја со Лозано.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ