Ретка е можноста да се запознаеме со една авторка чија животна приказна ја спојува прецизноста на архитектурата со длабочината на духовното истражување. Родена и образувана во Македонија, таа ја изгради својата кариера во престижни архитектонски компании и проекти со меѓународна тежина, за денес да биде успешен професионалец со сопствено студио во Австрија. Но покрај кариерата, во последната деценија таа ја насочи својата енергија и кон најинтимното, истражување на човечкиот дух, загубата и трансформацијата. Нејзината прва книга „Тело без душа“ е инспирирана од лична болка, но преточена во мудрост која отвора врати кон нови перспективи за животот, болеста и смртта.
Книгата ќе биде промовирана на 28 август во поткровјето на Јавна соба.
Со Елена Цветковска, разговаравме за нејзината приказна, за патот од архитект до писател и за потрагата по смисла што се крие зад ова дело.
Вашата кариера во архитектурата е исклучително успешна, од индустриски комплекси во Македонија до соработка со престижни клиенти во Австрија. Како се поврзува тој пат со создавањето на една книга со толку интимна и духовна тематика?
– Мојата кариера во архитектурата беше успешна уште од почетокот, како што споменавте, од индустриски комплекси во Македонија, па сè до престижни проекти во Австрија. Но денес знам дека тој пат не беше само професионален, туку и мој личен развој. Сите ние како студенти се замислувавме како идни големи архитекти, полни со ентузијазам и идеи, сигурни дека знаеме доволно за да го смениме светот. И јас не бев исклучок. Но многу брзо дојде трезнењето. Се сеќавам кога мојот прв шеф ми рече: Ти не знаеш, колку не знаеш. И беше во право. Тоа беше тежок, но искрен потсетник дека вистинскиот раст почнува тогаш кога ќе ја прифатиш својата несовршеност и ќе дозволиш да учиш. Архитектурата ме научи дека една куќа секогаш се гради од темел, врз кој се подигаат кат по кат, сè до покривот. Без темел нема стабилност, без катови нема раст, без покрив нема целина. Истото важи и за човекот. Нашиот темел е детството, врз него ги редиме сите искуства и катови, а покривот е свеста што ја достигнуваме низ животот.
Така, паралелно со градењето во професијата, почнав да го градам и својот внатрешен свет. Архитектурата ми даде дисциплина и структура, духовниот пат ми донесе смисла и длабочина. Така се поврзуваат овие две патеки. Едната гради материјални објекти, другата гради душа. „Тело без душа“ е мојата внатрешна градба, резултат на тоа паралелно градење од болка, љубов и вистина.
Насловот „Тело без душа“ звучи моќно и провокативно. Како го замислувавте овој наслов и што значи за вас лично?
– Тело без душа за мене е слика на најголемата вистина која ја доживеав, дека телото умира, се враќа во земјата, а душата продолжува понатаму кон својот извор. Тоа не е само зборовен израз, туку реално доживување кога ја изгубив мајка ми. Кога почнав да ја пишувам книгата, овој наслов најмногу резонираше со мене. Го замислував како симбол кој веднаш ќе отвори прашање кај читателот: што сме ние навистина, дали само тело што се распаѓа, или душа која живее вечно? За мене лично, Тело без душа значи и прифаќање на болката. Болно е да се изговори, но токму затоа е и храбро. Тоа е мојот потсетник дека смртта не е крај туку премин, телото завршува, но душата продолжува.
Интересно е што само неколку дена пред промоцијата дознав дека постои книга со ист наслов од една инфлуенсерка. Тоа за момент ме поколеба, не сакав да изгледа како копија. Затоа направив сесија со мојата натсвест. За да објаснам: потсвеста е делот од умот кој ги чува сите искуства, емоции и програми, додека натсвеста е нашето повисоко Јас, оној дел кој има пошироко знаење и поголема вистина од секојдневниот ум. Во таа сесија добив порака дека овој наслов е вистинскиот и нема потреба да се менува. Секако, побарав и практична потврда. Во Националната библиотека ми потврдија дека таква книга не постои во нивниот систем, и затоа насловот беше одобрен без никаков проблем.
Така, „Тело без душа“ не е случајно избран наслов, туку мојата лична вистина и суштината на целата книга.
Бoлката како духовна лекција

Велите дека книгата е инспирирана од најголемата загуба, смртта на вашата мајка. На кој начин процесот на пишување ви помогна да ја трансформирате болката во духовна лекција?
– Смртта на мајка ми беше најголемата болка што сум ја доживеала. Но, таа болка не дојде одеднаш. Претходеше еден месец поминат во болница, во неизвесност дали ќе остане жива или ќе замине. Тоа беше време кога сакав да бидам човек кој нема да жали за неизговорени зборови. Секојдневно ѝ зборував дека ја сакам, дека ќе ми недостига, но и дека сè што учев за душите и нивните договори има смисла и за неа и за мене. Иако беше на апарати и не можеше да зборува, таа ми ја стискаше раката. Тој допир за мене беше јасен знак дека ме слуша и дека ме чувствува. Тогаш сфатив дека вистинскиот разговор не е секогаш со зборови, туку со душа.
Кога подоцна почнав да пишувам, сфатив дека преку хартија, преку пишаниот збор можам да ја продолжам таа комуникација со неа. Пишувањето ми даде можност да се вратам на сите наши искуства кои сме ги поминале заедно во текот на животот, на сè што беше дел од нашиот заеднички договор, уште пред нашето доаѓање во оваа реалност. Болката што прво беше неподнослива, почна да станува лекција. Така, пишувањето не беше само терапија, туку и начин да воспоставам контакт со нејзината душа и да ја претворам загубата во духовна порака. Најважно е што знам дека не останав со неизговорени зборови и дека од таа болка израсна нешто повисоко, а тоа е мир, благодарност и најважно од се, мудрост.
Во делото ја истражувате идејата за „договор на души“ уште пред раѓањето. Како дојдовте до ова сознание и што би им порачале на читателите кои првпат ќе се соочат со таков концепт? Како ја поврзувате суштествената автентичност со потрагата по самиот себе?
– Идејата за „договор на души“ првпат ја сретнав во Разговори со Бога од Нил Доналд Волш, а уште подлабоко преку делото Патување на душите од Мајкл Нјутн, каде луѓе под хипноза раскажуваат дека пред да дојдеме во оваа физичка реалност, нашите души прават договори за тоа што ќе доживееме. Подоцна, преку моите лични искуства со хипноза и работа со натсвеста и потсвеста, медитација добив потврда дека ова не е само духовен концепт, туку едно живо искуство кое може и тоа како да се почувствува. Верувам дека сите доаѓаме овде со улоги, улога на ќерка, мајка, сестра, сопруга, пријателка итн. Улоги кои не сме ги добиле случајно, туку сме ги договарале уште пред да се родиме, за преку нив да научиме важни лекции. Мајка ми и сите блиски односи во мојот живот не можам да ги гледам само како случајност, туку како дел од тие договори што ме учат на љубов, трпение и би рекла духовна зрелост.
Знам дека за некој што првпат слуша, овој концепт може да изгледа чудно или дури неприфатливо. И тоа е во ред. Секој човек доаѓа до овие сознанија тогаш кога е подготвен за нив. Некој ќе остане целиот свој живот во уверувањето дека смртта е крај, а друг ќе најде утеха и смисла во тоа дека зад секое искуство стои повисока причина.
Кога зборуваме за суштинската автентичност, за мене таа е тесно поврзана со потрагата по себе. Во книгата пишувам дека да бидеш автентичен значи да бидеш ранлив, да си дозволиш да бидеш тоа што си, без разлика дали некој ќе те види како „добар“ или „не толку добар“. Да не глумиш, туку да си вистински, да си ти. Потрагата по себе токму тоа е: враќање кон она што навистина сме, под сите улоги што сме ги прифатиле. Кога ќе ја разбереме таа длабока вистина, станува појасно зошто сме овде во оваа физичка реалност и што всушност значи да се живее автентично.
Во книгата зборувате и за болеста не како казна, туку како лекција. Кој дел од личното искуство најмногу ви помогна да го прифатите тоа гледиште?
– За мене, болеста никогаш не е казна, туку јавување на душата. Кога телото и умот живеат спротивно од она што навистина сме, тогаш душата мора да зборува гласно за да нè врати на вистинскиот пат. Таа прво ни шепоти преку мали знаци како што е замор, немир, тага, но кога не ја слушаме, таа почнува да зборува преку болката. Физичка или ментална болест, таа секогаш е следната порака: застани, слушни ме, промени нешто. Во мојата книга објаснувам дека болеста не доаѓа однадвор, туку се раѓа во нас кога телото, умот и душата не се во хармонија. Таа е инструмент кој душата го користи за да го привлече нашето внимание. Понекогаш преку болеста учиме самите ние, да се свртиме навнатре, да се сетиме на нашата цел, да се исцелиме. Понекогаш пак, преку болеста учат другите околу нас семејствоот, пријателите, на трпение, на грижа, на безусловна љубов. Болеста е еден вид договор што душата го направила, со себе или со други души пред да дојде во оваа физичка реалност.
Моето лично искуство со мајка ми најмногу ме натера да го прифатам ова гледиште. Иако во последниот месец често не можеше да зборува, преку допирот на нејзината рака и преку нејзиниот поглед знаев дека таа ме слуша. Тогаш сфатив дека иако телото страда, душата секогаш комуницира. Тие моменти ме научија дека болеста може да биде најдлабокиот дијалог меѓу две души, дијалог кој не бара зборови, туку чувствување.
Затоа денес верувам дека секоја болест е потсетник. Да се запрашаме што нашата душа се обидува да ни каже и на кој начин сака да нè врати кон автентичноста и кон она за што сме дојдени.

Последната деценија активно работите со техники како хипноза, медитација и комуникација со потсвеста. Колку тие искуства директно ја обликуваа содржината на книгата?
– Овие техники имаа огромно влијание врз содржината на книгата, затоа што преку нив јас откривав и ослободував длабоко потиснати трауми и блокади за кои не знаев дека се дел од мене. Би споменала дел од искуствата кои ги опишувам и во самата книга. Во периодот кога имав околу десет години и кога бев сведок на расправија меѓу моите родители. Тоа не беше нешто директно насочено кон мене, но кај мене остави силен белег, чувство на страв, на несигурност, како детето во мене да останало без заштита. Подоцна, преку сеансите, се отвори и друг слој односно моментот кога сум се родила. Мајка ми, поради претходни загуби, не знаела, а не дека не сакала, што е многу важно да се напомене, како да ме прегрне и прифати. Тогаш, како новороденче, сум почувствувала како да не сум сакана, како да не сум добредојдена. Иако свесно тоа не сум можела да го разберам, потсвеста го чувала тоа чувство со години.
Преку овие техники, сеанси, јас успеав да ги освестам тие искуства и да видам дека тие не биле резултат на недостиг на љубов, туку на еден договор на душите и на еден пат што требало едноставно да се помине. Таа работа со потсвеста и натсвеста ми помогна да најдам простување и мир и со себе и со моите родители.
Затоа велам дека „Тело без душа“ не е само книга, туку сведоштво за тоа колку длабокиот внатрешен процес може да нè трансформира. Без овие искуства и без овие техники, содржината немаше да изгледа вака како што изгледа. Се што стои во книгата е доживеано искуство.
Архитектурата и пишувањето изгледаат како сосема различни светови. Сепак, вие велите дека и таму и овде мисијата ви е иста, да оставите траен белег. Како се надополнуваат овие две ваши страсти?
– Можеби на прв поглед архитектурата и пишувањето изгледаат како два сосема различни света. Но, за мене тие се всушност длабоко поврзани, затоа што и едното и другото оставаат некаков белег. Архитектурата гради во физичкиот простор, додека пишувањето гради во душата. Мојата лична желба да дознаам повеќе за себе и за мојата цел во овој свет ме однесе низ многу процеси, сеанси и книги. И токму таму ја најдов потврдата дека пишувањето е дел од мојата мисија. Преку хипноза и комуникација со потсвеста, ми беше пренесена порака од пет души кои повеќе не се на оваа страна на реалноста. Тие ја видоа мојата намера која беше чиста, без маска, бидејќи во бесконечноста не можеш да глумиш, и тие пет души ме избраа мене да бидам канал за пренесување на одредена порака. Тоа за мене беше доказ дека не пишувам случајно, туку дека сето ова е мојот пат, исто како и архитектурата.
Затоа велам дека мојата мисија и во архитектурата и во пишувањето е иста: да создадам нешто што ќе трае, нешто што ќе остави белег или едноставно нешто по кое луѓето ќе ме паметат. Во едниот свет тоа е куќа или простор во кој луѓето живеат, а во другиот свет тоа е збор Кој ќе допре, ќе освести и ќе остане засекогаш во нечие срце.
Смртта како враќање кон изворот на свеста
Во книгата ја допирате темата на смртта како враќање кон изворот на свеста. Дали вашата лична духовна пракса ви помогна да ја доживувате смртта на поинаков начин?
– Мојата духовна пракса многу ми помогна да ја доживувам смртта на поинаков начин. За мене лично, смртта не е крај, туку враќање назад кон изворот, кон бесконечноста. Телото или костимот кој го носиме е ограничено, има почеток и крај, но душата е бесконечна и продолжува понатаму. Душата само го завршува своето учење во тоа тело и во оваа сцена наречена физичка реалност. Она што е најтешко, всушност, не е смртта за душата бидејќи таа знае каде оди и оди без страв. Најтешко е за нас, оние што остануваме овде, во телата, во костимите. Ние остануваме со тага, со празнина, со товарот на неизречени зборови, со вината дека можевме повеќе да сакаме, повеќе да кажеме, повеќе да покажеме. Тоа е болката што нè учи.
Моето лично искуство со загубата на мајка ми беше пресвртница. Од почеток тоа беше огромна болка уште додека беше во болницата, но токму преку таа болка научив да ја гледам смртта како повик, да се сетиме на љубовта, да бидеме благодарни за секој момент што сме го имале со тие што ги сакаме, и да не ја одложуваме можноста да кажеме „те сакам“. Тоа некако е толку страно би рекла во повеќето семејства. Така мојата духовна пракса ме научи да ја гледам смртта не како крај, туку како враќање дома и како потсетник дека љубовта и врските со тие луѓе кои заминале не престануваат, туку тие само ја менуваат формата.
Каква реакција очекувате од македонската публика, дали ова е книга за оние што веќе трагаат по духовност или и за оние што допрва се отвораат кон овие прашања?
– Искрено, верувам дека книгата ќе најде пат и до оние што веќе се во духовна потрага, но и до луѓе кои допрва се отвораат кон овие прашања. Затоа што „Тело без душа“ не е само теорија, туку вистинско животно искуство, мое лично искуство. Кога зборуваш од срце и од она што навистина си го поминал и преживеал тогаш секој читател може да најде дел од себе во тие страници. Некој можеби ќе ја види болката од своја перспектива, некој ќе се најде во процесот на исцелување, некој ќе се препознае во улогата на родител или дете.
Не очекувам сите веднаш да го прифатат концептот на договори на души или гледањето на болеста како лекција. Но, очекувам барем да ги натера на момент да застанат и да се запрашаат: А што ако има и друг начин да се гледа на животот, болката и смртта? Тоа за мене е доволно. Ако барем една личност се ослободи од стравот и ја види смртта и загубата низ поинакво светло, тогаш книгата ја има исполнето својата цел.
На 34 години имате успешно архитектонско портфолио и прва книга која ја споделува вашата интимна приказна и духовни сознанија. Каде се гледате понатаму, што е следното „градење“ на кое ќе се посветите?
– Архитектурата отсекогаш била мојата примарна професија и во неа сум се изградилa како личност и како професионалец. Но, пишувањето е нешто што отсекогаш сум го носела во мене, нешто што ме привлекувало уште од најрана возраст. Покрај оваа книга, имам план за уште една книга. Всушност, тоа требаше да биде мојата прва книга, која ја започнав пред пет години, но никогаш не доживеа свој крај. Книгата го носи насловот „Кој си ти?“ и таа книга навлегува во многу подлабоки теми, за нашите најрани трауми кои потекнуваат од односите со родителите, особено татковата фигура, и како тие обрасци потоа ги носиме во нашите партнерски избори и во животот. Тоа е книга за љубовта, болката и за тоа како несвесно повторуваме одредени модели сè додека не се соочиме со нив. Планирам да ја завршам оваа книга и да излезе во 2026 година. Верувам дека таа ќе биде еден следен, уште подлабок проект кој ќе им помогне на луѓето да ги разберат сопствените избори и да ја најдат својата автентичност.
Значи, моето следно „градење“ е паралелно. Во архитектурата ќе продолжам со моето студио и со проектите, а во духовниот свет ќе продолжам да „градам“ преку пишувањето и преку новата книга и секако филм кој ќе оди на фестивали.
П.Р.






