вторник, 30 декември 2025

Драмски театар го објави конкурсот за наградата „Горан Стефановски“

НУ Драмски театар Скопје соопшти дека на неговата веб-страница е објавен годинешниот конкурс за наградата „Горан Стефановски“ за најуспешен драмски текст од млад македонски автор на возраст до 30 години, што ќе биде отворен до 28 февруари.

Објавено на

часот

Сподели

Во духот на традиционалната поддршка кон младите драмски уметници и поттикнување на пишување на нови драматуршки текстови, Драмски театар ја доделува наградата во чест на големиот драмски автор Горан Стефановски. Преку овој конкурс, театарот сака да даде поддршка на драмско творештво на младите автори и да ја афирмира современата македонска драма. Право на учество имаат автори, државјани на Македонија, кои до денот на завршување на рокот за пријавување не навршиле 30 години. Поднесениот текст мора да биде оригинално, неизведено дело, а не адаптација или драматизација на веќе постојни книжевни или драмски форми, информираат од театарот.

Пријавата треба да биде подготвена согласно насоките што ќе бидат објавени на веб-страницата на НУ Драмски театар Скопје. Пристигнатите текстови ќе ги разгледува стручна комисија составена од пет члена, а добитникот ќе биде објавен на прес-конференција, што ќе се одржи во пресрет на денот на раѓањето на Горан Стефановски – 27 април.

Наградата е во износ од 60.000 денари (еднократно), а ќе следи и потпишување авторски договор со НУ Драмски театар Скопје, продукција и изведба на наградениот текст на една од сцените на театарот – малата сцена или сцената „Ристо Стефановски“ – во рок од две години од затворањето на конкурсот, а авторот е обврзан дека до премиерата во Драмски театар Скопје, текстот нема да биде отстапен на други лица или институции.

Од Драмски театар наведуваат дека со оваа награда ја продолжуваат својата посветеност кон развојот на македонското драмско писмо, негувајќи го духот на Горан Стефановски, чии дела се длабоко вкоренети во историјата на театарот. Од „Јане Задрогаз“ (1974) до „Огнени јазици“ (2013), на сцената на Драмски беа поставени 15 негови претстави, од кои осум беа праизведби.

Посочуваат дека денеска е последен ден за пријавување на јавниот повик за проектот „Денови на независната сцена во Драмски“, што ќе се реализира од 14 до 17 јануари.

По направената селекција на апликациите за претставите пристигнати на јавниот повик, Драмски ќе ги отстапи за гостување сцената „Ристо Стефановски“ и „Малата сцена“ на театарот како и потребната техника со што ќе овозможи изведба на новите претстави и презентирање на иновативни, автентични и квалитетни театарски проекти. Рокот за поднесување на пријавите завршува денеска. На веб страницата www.dramski.mk се наоѓа образецот што треба да се пополни и заедно со промотивните материјали за претставата да се прати на е-поштата: [email protected] , соопштија од Драмски театар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ