Од вечерва до 21 овој месец на четири локации, на плажите „Славија“ и „Сараиште“, на бродот „Армада“ и во Младинскиот центар во Охрид ќе бидат прикажани седум долгометражни и 14 краткометражни филмови.
Отворањето на фестивалот е резервирано за проекцијата на филмот „Живи и Здрави“, а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови – „Родео“, „Летото што доаѓа“, „Пожар“, „Млеко“, „Некои птици“ и „Пеликан“.
Краткометражната програма вклучува и филмови од домашната продукција, оние на авторите Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов.
За музичката програма ќе се погрижат бендовите „Сиото џез“ и „Харакири“, диџејките Баила, ДЏ МарТиан и музичкото дуо „Сиз“.

Четиричленото интернационално жири е задолжено да ги одбере најдобрите и да ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување. Наградата „Мал бран“ ќе биде доделена на најдобриот краткометражен филм.
Ова фестивалско издание предвидува и филмови за најмалите посетители што ќе бидат прикажувани на градската плажа „Сараиште“, секој ден од 17 до 21 јули од 20 часот.






