понеделник, 19 мај 2025

Денеска 250-та изведба на „Лакомата меца“

Денеска во 10 часот, на детската сцена при Театарот за деца и младинци во Скопје ќе се одигра јубилејната, 250-та изведба на претставата „Лакомата меца“, куклена претстава за деца од 4+ години, во режија на Дарин Петков, според текстот на познатиот бугарски автор Ран Босилек.

Објавено на

часот

Сподели

Премиерно изведена на 11 февруари 2001 година, претставата „Лакомата меца“ повеќе од две децении ја задржува својата свежина и важност, едуцирајќи и забавувајќи генерации деца низ хумористичен пристап кон темата за културата на јадење и правилното однесување на маса.

Преку интеракција со публиката, малите гледачи се дел од приказната и добиваат можност да ѝ помогнат на симпатичната, но лакома Меца да ја научи својата лекција за умереност и внимание.

Во претставата играат Ана Левајковиќ Бошков, Катарина Илиевска Силјановска и Владимир Лазовски, кој во 2001 година беше добитник на актерска награда на Меѓународниот куклен фестивал на мали форми во Крагуевац, Србија. Во улогите на Лазовски алтернативно настапува и Мартин Јорданоски.

Сценографијата е дело на Љубомир Чадиковски, куклите ги изработи Иван Цонев, музиката ја компонираше Љупчо Мирковски, а преводот е на Татјана Островска.

Јубилејната изведба е посветена на сите оние кои веруваат во моќта на театарот да едуцира, да инспирира и да остава траен белег во детските срца.

Со почит

Н.У.Театар за деца и младинци

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ