сабота, 31 јануари 2026

Будимпешта црташе, слушаше и чувствуваше на македонски јазик 

Вчера во Будимпешта беше промовиран проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик!“ на младата уметница Јана Борбала Панзов, дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик“.

Објавено на

часот

Сподели

Во рамките на својот проект Јана илустрираше неколкумакедонски народни песни (Македонско девојче, Јано мори, севдалино, Зајко Кокорајко, Благуно дејче, мори Пожаранче, Билјана платно белеше). Илустрации содржат стихови од песните на кирилско писмо и се аплицирани на торби, шолји, беџови и чадори. На промоцијата, унгарското музичко дуо Будапесме одржа целовечерен концерт на македонска народна музика, со акцент на песните кои беа илустрирани од младата уметница Јана. Настанот предизвика огромен интерес кај унгарската публика.

Целта на проектот „Цртај, слушај и чувствувај на македонски јазик!“ е да се поттикне  креативноста на кирилско писмо и македонски јазик и запознавање на пошироката унгарска публика со македонскиот фолклор и традиција.

Јана Борбала Панзов (2009) е родена во Будимпешта, Унгарија.  Нејзината талентираност за цртање (сликање, графика, дигитална уметност) е потврдена на многу конкурси на кои учествувала во Унгарија и Македонија.

Јана Борбала Панзов е билингвален говорител, одлично ги зборува македонскиот и унгарскиот јазик, подеднакво добро употребувајќи ги писмата на двата јазика.

Во 2022 година успешно го реализира проектот „Кул е и кога COOL се пишува на кирилица!“ дел од манифестацијата „Цртај на македонски јазик!“ организирана од Министерството за култура на Македонија за кој изработи стикери за социјалните мрежи Viber и WhatsApp кои постигнаа голема популарност кај младите и уште се актуелни во меѓусебната комуникација во Македонија.

Ученичка е во средното уметничкото училиште „Имре Мадач“ во Вац, Унгарија. Дел од нејзините креации се објавени во списанието „Чудна шума“, Скопје. Изработува и амигуруми со кои учествувала на неколку локални продажни изложби.

Будапесме е унгарско музичко дуо во кое членуваат младите музичари Вероника Варга и Бенедек Рети. Ги интересира фолклорот од Балканот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Македонија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ