„Со оваа книга Миневски уште еднаш го потврдува своето врвно раскажувачко мајсторство. Во книгата како во магионичарски перформанс се преплетуваат традицијата и современоста, хуморот и горчината, реалното и фантастичното, историското и личното. Расказите функционираат како дестилат на вековната усна македонска наративна традиција, претставувајќи богатство од стилови и пристапи – од репортажа и фељтон до фасцинантна и имагинарна фикција. Дел од расказите се веќе објавени како добитнички на највисоките можни награди за расказ и имаат стекнато извонредни критички реакции од домашната и меѓународната јавност. Кај Миневски е особено уочливо виртуозното поигрување со нарацијата, оригиналноста во обработката на историските теми, камелеонското менување на стилот и фокализаторот до непрепознатливост, како и способноста да се оживеат различни слоеви од видливото и невидливото. Со книгата „Опаш во устата“, Миневски не само што го потврдува својот раскажувачки глас како водечки во македонската литература туку ја збогатува современата проза, создававајќи дело кое може да се пренесе и надвор од локалниот контекст, отворајќи ја домашната книжевност кон пошироки културни хоризонти“, се вели наведуваат агргументите за наградата на Миневски од фестивалот „Букстар“ .
Блаже Миневски е прозаист и драмски автор. Автор е на десет романи.
Наградата ќе биде доделена на отворањето на фестивалот на 29 септември од 19.30 ч. во салата Империјал 2 на Културно-информативниот центар. Наградената книга ќе ја претстави проф.д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Наградата „BookStar“ се доделува од 2016 година. Првите две години од воведувањето во фокус беше книгата што поттикнала најголем интерес помеѓу две фестивалски изданија, но потоа се доделува на актуелна книга, или автор во текот на претходната година. Наградата се состои од плакета и статуетка дизајнирана од Игор Делов. Дeл од досегашните добитници се: Светлана Алексиевич, Николо Аманити, Евгениј Водолазкин, Наџат ел Хачми и други. Миневски е прв македонски добитник на оваа значајна награда, и тоа во годината кога „BookStar“ го свртува своето внимание кон домашната литература и предизвиците со кои се соочуваат македонските писатели.






