Наградата, која се состои од златен медалјон со ликот на Шишков, парична награда во износ од 1.500 евра и плакета, ќе и биде врачена дополнително.
Одлуката на фестивалското жири ја образложи претседателот, ланскиот лаурет, Лео Долорес Поповиќ, во кое, покрај него, играта на актерите ја оценуваа Анастас Попдимитров, актер и режисер од Бугарија и Иван Додовски, универзитетски професор и драмски автор.
„Во улогата на Корин Фел, мајка што трага по одговори за смртта на својот син, Биљана Драгиќевиќ Пројковска покажува фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола во водењето на ликот, остварувајќи моќна и осмислена улога“, рече Долорес Поповиќ.
Покрај главната награда, жири комисијата одлучи да додели и специјална награда за најдобра претстава на Фестивалот – на „Ричард Трети“ од Вилијам Шекспир, во адаптација и режија на Мартин Мирчевски, а во изведба на Народниот театар од Битола.
Завесата на годинашното фестивалско издание ја спуштија актерите од велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“ со претставата „Мајка“ од Флоријан Зелер, во режија на Јордан Витанов, која беше и последна претстава во официјална конкуренција.






