Низ призмата на три летни распусти на едно 7-годишно момче и неговата сестра кај нивната баба во Прилеп, авторот Жан Илиески ја отсликува атмосферата на едно минато време – исполнето со мирис на сушен тутун, звуци на фудбалски радиопреноси и топлината на едноставните, но длабоки човечки врски. Во центарот на оваа приказна е баба Илка, тивка хероина, чиј секојдневен труд и пожртвуваност го обликуваат светот на нејзините внуци. Прилеп е македонското Макондо, Илка е женската Зорба.

Уредникот на издението, проф. Владимир Цветкоски оценува дека „Баба Илка“ е приказна за созревањето, за спознавањето на светот и страдањето. Сето тоа е во сенката на една впечатлива женска фигура.
Авторот Жан Илиески вешто го користи автентичниот прилепски дијалект и колоквијалниот говор за да постигне уметнички убедлив израз, спасувајќи ги од заборав ликовите и времињата кои полека исчезнуваат во подземната кал на заборавот.
Промоцијата на романот „Баба Илка“ ќе се одржи на 17 март, со почеток во 19 часот, во Салон 19-19 во Културно-информативниот центар (КИЦ Скопје). Модератор на настанот ќе биде Ана Јовковска






