понеделник, 8 декември 2025

Афро Гитано в сабота во Јавна соба: задолжително понесете чевли за танцување!

В сабота на 8 ноември во Јавна соба (Public Room) ќе имаме ретка можност да го начекаме триото „Афро Гитано“ на домашна територија. Првиот албум на Тони Китановски, ДЏ Гоце и Баба Сисоко (Бамако, Мали), насловен едноставно „Афро Гитано“, се појавува на светскиот пазар под издавачката куќа Вилиџ лајв (Village Live) од Лондон само ден претходно, достапен и како винил и во дигитална форма.

Објавено на

часот

Сподели

Како настана спојот помеѓу двајца скопјани и еден господин од Бамако, престолнината на далечната западноафриканска земја Мали?

Тони Китановски, Баба Сисоко, Гоце Трпов, Скопје, мај 2024

Со Гоце сме комшии и се знаеме одамна, вели Тони Китановски. Направив аранжмани за песните на САФ и диригирав со мал биг бенд (мојата омилена оркестарска формација) на нивниот концерт на Таксират пред некоја година на Скопски саем. Тоа беше нашата прва соработка. Баба Сисоко го запознав на џез-фестивалот Рочела во Калабрија, сѐ уште траеше епидемијата, но можеше да се патува…

Се споија некои жички во мојата глава и ми кликна дека работното трио за проектот Афро Гитано треба да е токму со овие двајца музичари – овој пат немаше утка!

А тоа значеше промени на веќе продуциран албум со веќе најавено објавување.

Приказната околу настанокот на првиот албум на Афро Гитано е мошне интересна и несекојдневна.

Албумот се снимаше на три континенти во шест земји (ДР Конго, Франција, Канада, Австрија, Италија и Македонија). Иницијално, идејата беше соработка со големиот гитарист/музичар и еден од најпрекрасните суштества што сум имал привилегија да ги запознаам, Ерик Малу Малу од Киншаса. Тој беше многу допрен од музиката што дваесет години ја работев со ромскиот оркестар Черкези. Тогаш всушност прв пат се споија жичките! Ја напишав првата композиција, ја нареков Афро Гитано и тоа беше првата симбиоза на музиката од Конго и нашата од Топаана. Кога во проектот влегоа Гоце и Баба, тој се трансформира во афро-гитано-хип хоп, и следуваа доснимувања, и повторно микс, продукција… уште година и пол работа.

Тони и Ерик Малу Малу
Изданието „Афро Гитано“

Најавеното објавување на албумот веднаш им ги отвори вратите на светската сцена. Веќе се договорени настапи на меѓународни фестивали и во реномирани концертни сали како загрепски Лисински, Цанкарјев дом во Љубљана, Марибор, Софија, потоа настапи во Италија…

Баба Сисоко (Baba Sissoko) едногласно е неприкосновен крал на тамани (тапан што зборува, talking drum), барем во она што се нарекува снимена историја на светската музика. Баба Сисоко е и мултиинструменталист и вокалист. Во Скопје ќе настапи и на тапани, и како и секогаш, со неговото нгони (еден вид африканска гитара со три жици). Во моментов соработува со Дајмон Албарн и Ворен Елис, а негови чести поранешни соработници биле и Ибрахим Ферер (од Буена Виста), Рукиа Траоре, Бубакар Траоре, Али Фарка Туре… неговите настапи секогаш пленат со автентичниот звук на Мали доловен од неговиот глас и од ритмите што излегуваат од неговите инструменти.

Баба Сисоко
Баба Сисоко

На Тони Китановски и Гоце не им треба претставување – ако не ги знаете нивните имиња, не сте од планетата Македонија!

Гоце Трпов (диџеј Гоце од САФ)
Тони Китановски

За крај, како што велат од Вилиџ лајв рекордс во најавата на изданието Афро Гитано, задолжително понесете чевли за танцување!

„BRING ON YOUR DANCING SHOES“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ