Изложбата „Архивски документи“ е прво претставување на Вангели пред хрватската публика и содржи 41 дело во техника принт на плексиглас и аудио материјали.
„Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност.
Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор, ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем.
На еден друг начин е спротивставена тенденцијата на илустративен модел, накратко сликите ја поврзуваат реалноста со перцепцијата. Јас ќе посочам дека сликите се присоединуваат на различни начини – тие се отворено перфекционистички, но и преокупирани од спонтаноста. Во исто време, мора да се нагласи односот на мистиката со аргументите кои се воздржани, но сепак длабоки и нетаинствени. Просторот во којшто ние живееме со сите средства е поврзан со визијата на свесноста, а создадено е чувство на традиционална рамнотежа.
Хармонично организираниот простор резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичните и асоцијативно моделирани површини. Вангели е уметница која без разлика дали станува збор за објект, плотер уметност, аудиоуметност или фотографија, е мотивирана од желбата да го максимизира или минимизира прикажаното, во корелација со основниот објект, приспособен на површината.
Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност. Ќе го наведам делото ‘Алтруистичка перница’, претставено на оваа изложба, кое на плотер принт ја развива историјата на одредена уметничка логика со модифицирана мајсторска сторија“, напиша Маја Крстевска.
Изложбата ќе биде поставена до 10 април 2026.
Вангели е мултимедијална уметница која реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу. Таа учествувала на многубројни групни изложби и филмски фестивали. Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции, како во Музејотот на современата уметност, Скопје, Националната галерија на Македонија, Скопје, Музејот на модерна и современа уметност, Риека, Центар Андре Малро, Сараево, Sammlung Jan Andreas Müller, Франкфурт/Мајна, Stadt Frankfurt am Main, Amt für Wissenschaft und Kunst, Франкфурт/Мајна, Shashoua Collection, Лондон, Museo Toni Benetton, Тревизо.






