Од МНТ велат дека 77 години се години на неизмерна љубов кон сцената, години во кои македонскиот збор тече од сцената жедно впиван од публиката, 77 години актерска игра.
„На 3 април 1945 се случи празникот на македонскиот театар: премиера на ‘Платон Кречет’. Во свечената тишина прозвучи првата реченица на артистката Вера Вучкова: ‘Колку е блиску сонцето’. Подигнатата завеса го отвори МНТ, кој започна без вистински традиции за сопствен театар и без доволен професионален актерски, технички и режисерски кадар, но со огромна желба и страст. И со публиката која е ‘гладна‘ за тој сценски збор и која како што е запишано ‘… го полнеше театарот до последно место. Колку што долги беа редовите пред продавниците за хлеб толку беа долги и пред шалтерот на театарската билетопродавачница‘. Со целата своја енергија и творечка сила оваа прва група актери, режисерот, сценографот и преведувачот го започнаа патот на уметничко-сценското создавање на оваа сложена уметност – театар“, соопштија од МНТ.
Како што посочуваат, со сценска вистинитост и природна појава, од првата реплика до денес, се прикажува сликата и идејата за уметничко дело, тенденцијата за колективна игра и духот на создавање на целосен театар.
„Во една прилика Бранко Гавела, хрватскиот режисер, театролог и педагог ќе запише: ‘Кога реков претставите дека се симпатични мислам дека најдобро ја означив нивната непосредна човечка топлина, ненаместеноста, отсутноста на секое егзибиционистичко значење и скромноста, што не потекнува од чувството за помала вредност, туку од длабоката верба за големината и тешкотиите на поставените задачи“, додаваат од театарот.
И денес во 2022 година кога се одбележуваат 77 години, од МНТ нагласуваат дека истите стремежи се дел на сите од нив – креативност, потреба, желба, магија, величественост, идентитет, распослана душа, отворено срце, неуморност, сценско патување.






