Сите пристигнати дела ќе бидат разгледани од стручна жири комисија составена од стрип и ликовни уметници од Велес, а дел од нив ќе бидат изложени на отворањето. Програмскиот координатор на Стрип Центарот на Македонија – Велес, Томе Трајков, изјави дека зголемениот интерес се должи на континуираната домашна и меѓународна активност на Центарот, како и на соработката со образовни институции и ликовни педагози низ државата.

„Освен докажани стрип мајстори, особено радува појавата на нови македонски автори, кои заслужуваат афирмација и внимание. Сето тоа е резултат на соработката со училишта, ликовни студија и ангажманот на Стрип Центарот Велес“, истакна Трајков.
Тој додаде дека меѓународната соработка, особено со автори од поранешните југословенски републики, Западен Балкан и пошироко, дава значаен придонес за растот на манифестацијата.
„За да го одржиме и унапредиме овој тренд, потребна е и поголема финансиска поддршка – како за наградниот фонд, така и за овозможување присуство на наградените автори и составување жири од меѓународни стрип уметници“, додаде Трајков.
Меѓународниот конкурс за стрип и Меѓународната стрип колонија се два клучни дела од програмата на Салонот „Велес 2025“, кои се поврзани, но засебни проекти, поддржани од Министерството за култура и туризам и Општина Велес.






