Пред концертот, разговаравме за очекувањата, за нивната музичка еволуција, за искуствата надвор од матичниот бенд и за тоа каде го гледаат своето место во мозаикот на македонската сцена.
Како и нивната музика, и овој разговор пулсира со слобода и игра. Фолтин ни потврдија дека концертот за нив е повеќе од изведба, тоа е ритуал на споделување, миг во кој публиката станува соавтор на приказната. На 12 септември, „Public Room“ ќе се претвори во сцена што живее, дише и се смее заедно со нив. А кога последниот акорд ќе замолкне, ќе остане она тивко, но познато чувство, дека со Фолтин крајот никогаш не е вистински крај, туку само повик за следната авантура. Еве што вели Пеце Трајковски-Брада и другите членови на бендот за сето ова.

Вие сте веќе чести музички патници во светот на Јавна соба. Што е тоа што во тој простор секогаш ве враќа и ве инспирира да настапите таму?
– Public Room е еден еклектичен простор, секогаш полн со енергија, динамика и луѓе од различни генерации и профили, во една обединувачка целина на различни активности по катовите, собите и секое ќоше на просторот. Тоа е вистински ангажиран културен дом, простор за работа, забава, храна и пијачка, состаноци (и работни и љубовни ). Но, најважно за мене е дека тимот на Public Room веќе со години упорно и најпрофесионално се труди да промовира пред сè македонска авторска и автентична музика и уметност, и тоа го прави Паблик веројатно единствен вистински активен културен центар во главниот град.
Нашите раноесенски и пролетни концерти во Паблик веќе станаа традиција која ја тераме со години, и ние таму се чувствуваме многу комотно и како дома, секогаш топло пречекани од тимот и испратени со многу љубов од редовната публика, со која се дружиме таму.
Што ќе донесе таа вечер на 12 септември, ќе има ли нови приказни, изненадувања или мали тајни што допрва ќе се откријат?
– Ние следната година имаме јубилеј, 30 години од првиот концерт на Фолтин. Тоа е добар стаж, но за пензија е сè уште рано, така што можноста за нови приказни е отворена. Со скопската публика сме во специјална емотивна поврзаност која низ годините прерасна во вистинска љубов. Помеѓу нас нема веќе тајни, ни големи ни мали, сега сме во една отворена хармонија во која на секоја средба максимално уживаме.
Ако ја следиме вашата музичка патека од почетокот до денес, каде ја гледате еволуцијата на Фолтин, и во што најмногу пораснавте како бенд?
– Веќе поминаа 3–4 години од „Симултан бакнеж“, се надевам дека оваа зима малку ќе се вратиме во креатива, па ќе „скоцкаме“ некој нов звук со кој би патувале по сцените наредната јубилејна година. Иако е уште лето, ние сме веќе во есента на кариерата и продолжуваме кон зима, а после тоа повторно во пролет и така во еден бесконечен циклус, затоа што и ние сме деца на Мајката Земја и припаѓаме на овие универзални текови.
Често излегувате од вашето матично пристаниште и влегувате во други музички мориња и проекти. Како тие патувања се враќаат назад во Фолтин?
– Како љубопитни луѓе, со авантуристички дух, потребата за истражување мора да ја храниме и да ја одржуваме младоста. Интересот за нови енергии е клучен за Промена, која е најважна за современата напредна мисла и е основа на еволутивниот процес. Така се раѓа нова енергија, која понатаму се манифестира во животот и во творештвото.
Кога би морале да ја сведете суштината на бендот во неколку збора или слики, како би ја опишале?
– Со слики.
Вашите настапи секогаш носат нешто повеќе од звук — колку ви е важна таа магија меѓу музиката, сцената и визуелниот израз?
– Ако одите на планина, море или било каде во природа и се најдете во некоја надреално убава визура, како на пример бескрајните планински хоризонти на Кораб, Пелистер од врвот Илинден одејќи по камењар, погледот кон Охридско Езеро од Магаро, Јонско Море од видиковецот над плажата Егремни итн. — и го фотографирате тоа со мобилен, кога ќе ја погледнете снимката дома ќе сфатите дека големината која сте ја доживеале таму ја нема на фотката.
Концертите се мигови од животот. Делови од нашите животи и од животите на сите луѓе кои присуствуваат во публика, тон-мајстори, екипа итн. Тие се моменти на нечија среќа, носталгија, љубов, тага… Фрагменти кои остануваат во меморијата и просторот вечно како единствени и автентични за секој посебно. Никогаш веќе нема да се повторат исто така како тогаш.

За вас, музиката е повеќе занает, љубов или некој вид животна филозофија?
Гоце Јованоски: Убаво прашање кое во себе го содржи и одговорот. Имено, од една страна музиката за мене е занает, бидејќи бара дисциплина, постојано учење и работа на себе за да можам да ја обликувам идејата во нешто што звучи убаво, а од друга страна е чиста љубов — нешто што те движи и ти дава сила секој ден. А во исто време е и филозофија на живеење, или начин на кој гледам на светот и комуницирам со него, јазик преку кој најискрено можам да се изразам. Благодарен сум што можам да се занимавам со оваа професија.
Домашната музичка сцена денес е шарен мозаик со светли и потемни полиња. Каде се гледате вие во таа слика?
Гоце Јованоски: Домашната сцена секогаш била за нас предизвик, но и одговорност. Јас би рекол дека Фолтин секогаш биле таму некаде на работ меѓу светлото и сенката, таму каде што обично се експериментира за да се внесе нешто свое, без страв од грешки или неуспех. Отсекогаш сме сакале да придонесеме со звук што е автентичен и различен, но во исто време поврзан со корените и културата од која доаѓаме.
Ако една песна би требало да биде вашата лична музичка визит-карта, која би била и зошто токму таа?
Славчо Јовев: Ова е многу интересно прашање, на кое што сигурен сум дека од секој член на Фолтин би добиле различен одговор. За мене лично навистина е тешко да се избере само една песна. Можеби би било најдобро да одберам барем три, но бидејќи предизвикот е да биде само една, јас би ја одбрал „Двојка“. „Двојка“ затоа што во себе ги содржи сите елементи по кои се препознава музиката и звукот на Фолтин: емотивниот набој, интересен и необичен аранжман, специфични ритмички промени и извонреден текст. Сето тоа ја прави оваа песна вистински „Фолтинска“.
Што би сакале да ѝ кажете на публиката што можеби се двоуми дали да дојде на 12 септември? Со какво чувство сакате да си замине дома?
Славчо Јовев: Па токму затоа што нашата намера е на секој концерт да се изненадиме и себе си и вас, би им препорачал на тие што се двоумат да дојдат на 12 септември во Паблик рум — да дојдат за да тргнеме заедно на една нова авантура, со истото возило ама во нов правец. Би сакале секој што ќе биде таму да си замине исполнет и со чувство дека присуствувал на нешто интересно, искрено и живо.
П.Р.






