„Во 2010 година кај мене се роди идејата да создадам организација која ќе ги запознава граѓаните на Русија со културата, историјата, јазикот и современиот живот на Република Македонија и ќе придонесува за зближување на словенските народи. Нашите први организациски состаноци се одржуваа токму во Московскиот дом на националностите, кој веднаш нè прифати под своето крило. МДН навистина стана наш дом, вистинско родно место. Голема благодарност до неговите вработени за поддршката и помошта“, вели Олга Панкина, основач на Македонскиот културен центар во Москва.
Во текот на изминатите 15 години МКЦ организира и реализира повеќе од 250 настани – Македонски театарски денови во Москва, изложба на детски слики „Мал битолски Монмартр“, концерт на македонската музика од млади композитори во изведба на Московскиот ансамбл за современа музика, средби со македонски писатели и уметници (Ј. Плевнеш, В. Урошевиќ, Т. Урошевиќ, Д. Најческа, Р. Василевски, Л. Димковска, В. Андоновски, музичкиот ансамбл „Љубојна“, младинскиот мандолински оркестар „Скопје“, уметниците Т. Чатлески, С. Андреевски, Ж. Коцева-Караџоска и многу други), како и бројни ликовни изложби и промоции на книги од македонски автори.
Проектот „Читај ја Македонија!“ почна по иницијатива на Панкина во 2015 година. Во неговите рамки се одржаа десет големи книжевни изложби посветени на македонскиот роман, поезијата, драматургијата и театарот, литературата за деца, преводите од македонски на руски јазик, а посебно беа претставени значајни писатели, класици на македонската литература: Блаже Конески, Живко Чинго, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ и други.
Значаен е и меѓународниот проект „Арт Балкан“ што се реализира повеќе од 10 години. Негови организатори, покрај Македонскиот културен центар, се Московскиот дом на националностите, Професионалниот сојуз на уметници на Русија, меѓународната секција „Група уметници СОЛО“, Српско-руското друштво за пријателство од градот Шид (Србија) и здружението „Словенски свет“ (Бугарија).
Јубилејниот настан се одржа на 21 ноември токму во рамките на овој проект.
Вечерта присуствуваа повеќе од 70 гости – претставници на организациите со кои соработува Македонскиот културен центар, македонисти и пошироко – слависти, поети, писатели, читатели, книжевни критичари, издавачи и мои пријатели. Им благодарам на сите за поддршката.
Прославата ја отвори Светлана Орлова Соло – уметница, организатор на ликовни колонии и меѓународни изложби. Таа зборуваше за проектот „Арт Балкан“ и за својата соработка со МКЦ.
Олга Панкина за нејзината дејност неодамна ја доби високата државна награда – медалот „Пушкин“ доделен со Указ на претседателот на Руската Федерација Владимир Путин за придонесот во зближувањето на културите на словенските народи.
„Многу сум задоволна од тоа што 15-годишнината на Македонскиот културен центар ја прославивме во кругот на пријателите. Голема благодарност на луѓето без кои работата на Центарот, кој нема финансиска поддршка од никого, не би била возможна – ентузијасти, посветени и активни личности, вљубени во словенските јазици, литературата и културата, во природата и убавините на Балканот и во идејата за единство и пријателство меѓу словенските народи“, изјави Панкина.





