Состојки:
За тестото:
220 г брашно
60 г какао во прав
350 г шеќер
2 лажички сода бикарбона
1 лажичка прашок за печиво
1 лажичка сол
2 лажички еспресо во прав
120 мл растително масло
2 големи јајца, на собна температура
180 г полномасна павлака, на собна температура
120 мл млеко измешано со половина лажица лимон
2 лажички екстракт од ванила
120 мл топла вода или црно кафе
200 г мали парченца црна чоколада (попрскани со 1 лажица брашно)
За филот со путер од кикиритки:
170 г несолен путер, омекнат на собна температура
440 г путер од кикиритки
200 г шеќер во прав
1 лажичка екстракт од ванила
прстофат сол
3 лажици неутрална павлака, на собна температура
За чоколадниот прелив:
250 г квалитетна црна чоколада, ситно сечкана
250 мл неутрална павлака
Украс по избор: здробени кикиритки
Начин на приготвување:
Загрејте ја рерната на 180°Ц.
Подмачкајте три калапи за торта, обложете ги со хартија за печење, а потоа подмачкајте ја и хартијата.
Направете го тестото: измешајте ги брашното, какаото во прав, шеќерот, сода бикарбоната, прашокот за печиво, солта и еспресото во прав (ако користите). Оставете ги настрана.
Во 120 мл млеко додајте половина лажица лимон и оставете го 10 минути, да се засири.
Со миксер или жица за матење изматете ги маслото, јајцата и павлаката на средно-висока брзина додека не се спојат. Додајте ги засиреното млеко и ванилата и матете додека не се спојат. Истурете ги влажните состојки кај сувите состојки, додајте ја топлата вода/кафето и матете на мала брзина додека тестото целосно не се изедначи. Додајте ги чоколадните парченца премачкани со брашно. Тестото е ретко и може да има воздушни меури на површината – тоа е нормално.
Поделете го тестото рамномерно во трите калапи. Печете околу 24-26 минути. Времето на печење варира, затоа внимавајте. Колачите се готови кога чепкалката вметната во центарот ќе излезе чиста.
Извадете ги колачите од рерната и оставете целосно да се оладат во тавите. Додека се ладат, може малку да потонат во центарот – тоа е очекувано.
За филот со путер од кикиритки: со миксер изматете го путерот на средна брзина додека да стане кремлив и мазен, околу 2 минути. Со гумена шпатула изгребете ги страните и дното на садот по потреба. Додајте го путерот од кикиритки и матете додека целосно не се соединат, околу 1-2 минути. Смесата ќе биде ретка. Додајте шеќер во прав, екстракт од ванила и сол и потоа додавајте ја павлаката за готвење додека миксерот работи на мала брзина.
Вклучете го миксерот на средна брзина и матете 1-2 минути, или додека смесата целосно да се изедначи и да стане кремаста. Ако сѐ уште е ретка, додајте ѝ уште малце шеќер во прав.
Ставете еден слој од колачот во чинијата за сервирање. Рамномерно намачкајте четвртина од филот со путер од кикиритки. Повторете го истото со вториот и третиот слој од колачот, мачкајќи четвртина од филот помеѓу секој слој. Потоа целиот колач премачкајте го со филот, одозгора и од страните. Оставете ја непокриена во фрижидер најмалку 30 минути до 3 часа за да се стегне филот.
За чоколадниот прелив: ставете ја ситно сечканата чоколада во сад. Загрејте го кремот во мало тенџере на средна топлина додека не почне да крчка. (Не оставајте брзо да зоврие.) Прелејте ја чоколадата со кремот, а потоа оставете го да отстои 2-3 минути за да омекне. Многу полека мешајте додека чоколадата не се стопи и смесата не се изедначи. Оставете ја да се олади 20-30 минути во фрижидер за да се згусне пред да ја премачкате изладената торта со преливот.
Украсете со здробени кикиритки, по желба. Послужете ја тортата веднаш или изладете ја, непокриена, до 4-6 часа пред да ја послужите. Тортата може да се сервира на собна температура или разладена.