„Околу 20 часот и 15 минути во петокот, дојде до прекин на електричната енергија во западниот дел на Куба, што предизвика колапс на националниот електроенергетски систем“, соопшти Министерството на платформата Икс.
Поради застарениот систем за производство на електрична енергија, островот со 9,7 милиони жители веќе претрпе три големи прекини во последните месеци од 2024 година, од кои два траеја неколку дена.
Овие, хронични дефекти во електричната мрежа, покрај економската криза во земјава, се најлоши во последните 30 години. Ова доведе до недостиг на храна, лекови и гориво, како и до висока инфлација.
Осумте застарени термоелектрани на Куба, од кои речиси сите беа отворени во 1980-тите и 1990-тите години, редовно се расипуваат.
Пловечки електрани изнајмени од турски компании и генератори, кои го надополнуваат националниот енергетски систем, се напојуваат со гориво што Куба тешко го увезува и често е во недостиг.
Соочена со вонредна состојба, кубанската влада ги удвои напорите за инсталирање на најмалку 55 соларни паркови од кинеско производство до крајот на 2025 година.
Според властите, соларните панели ќе произведуваат 1.200 мегавати електрична енергија или 12 отсто од вкупната потрошувачка во земјата.