сабота, 27 јули 2024

КСС: Предлог-законот за административни службеници се носи шверцерски, без јавна дебата

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска одржа протест пред Собранието за да го изрази своето незадоволство поради носењето на Законот за административни службеници, кој е влезен во собраниска процедура во скратена постапка. На членовите на КСС денеска на протестот им се приклучи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија и дополнителниот заменик министер за информатичко општество и јавна администрација, Стефан Андоновски. Во меѓувреме собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна амандманската расправа по предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, по скратена постапка и со европско знаменце, дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација МИОА, за кој се поднесени 10 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Фото: МИА

Објавено на

часот

Сподели

Со предлог-законот за административни службеници, претседателот на КСС Благоја Ралповски вели се изземаат круцијалната права на работникот, вадење на минималната плата, како и непочитување на Законот за минимална плата.

„Овој закон нема ништо европско, со овој закон само се поттикнува непотизмот и примитивизмот. Вадењето на минималната плата да важи од март, а сите други одредби од 1 јануари 2025 година, мислиме дека не е време да се носи еден ваков закон, како што го кажуваат реформски и европски, а нема ништо европско, ниту реформско“, рече Ралповски.

Посочи дека поголемиот дел од работниците во јавниот сектор ќе продолжат да земаат минимална плата и нема да добијат усогласување на платите во март, и како што рече, не може да има државни службеници кои што земаат минимална плата, а да се бара професионалност од администрацијата.

„Оној закон што е закачен на ЕНЕР беше дозволен за јавна дебата, но овој закон не беше ставен на ЕНЕР, ние првпат го видовме во собраниска процедура. Овој закон е поставен шверцерски, без јавна дебата и не знам зошто пратениците од мнозинството се обидоа да нѐ отфрлат нас како синдикати кои што баравме јавна дебата. Не знам која е потребата, ние кажавме уште при потпишувањето на Општиот колективен договор дека имаме камен на сопнување, но и тогаш кажавме, а ќе кажеме и сега дека ќе си ги браниме нашите права онака како што ги браневме многу години наназад, низ протести и штрајкови“, рече Ралповски.

Ветувањето при потпишувањето на Општиот колективен договор од страна на министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, дека ќе се допреговара овој дел од Законот, рече Ралповски, не е исполнето.

„Очигледно си најдоа партнер со којшто сакаат да си го потишат Општиот колективен договор и овој дел што беше ветен од министерот Бесими и министерката Јована Тренчевска, не беше исполнет, така што се потпиша без да се реши овој проблем“, додаде Ралповски.

На членовите на КСС денеска на протестот им се приклучи пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за обнова на Македонија и дополнителниот заменик министер за информатичко општество и јавна администрација, Стефан Андоновски.

Андоновски рече дека синдикатите не биле вклучени да ги кажат своите забелешки во последната верзија на Законот за административни службеници, како и дека се манипулира во јавноста дека тие биле вклучени во дебатата.

„Не знам што е потребата набрзина да се турка оваа верзија со европско знаменце знаејќи дека влегуваме во изборен циклус и мислам дека се прави поголема штета отколку корист, бидејќи ќе се создаде дополнителен хаос за овие вработени, затоа што ќе се поделат на два дела, помал дел кои што ќе земат определен надоместок во овој период, но поголем дел кој што ќе се соочи со намалување на платата, односно недобивање на она што им беше загарантирано со колективниот договор и со минималната плата од претходно“, рече Андоновски.

Тој уште кажа дека реформите во јавната администрација мора да бидат инклузивни и да се прават постојано.

„Со ова темпо на реформи кои што ги правиме во јавната администрација и со оценките на Европската Унија, ќе ни требаат 306 години за да го стигнеме нивото на ЕУ, и само доколу ЕУ застане со реформите. Нашата поента е дека реформите мора да бидат инклузивни, но мора да се прават постојано“, рече Андоновски.

Посочи дека во претходните верзии на Законот биле консултирани луѓе од ВМРО-ДПМНЕ, но како што рече, за оваа последна верзија тие не се консултирани и истата не ги вклучува барањата на партијата.

„Луѓе од нашата партија беа консултирани за претходните верзии на Законот, но последната верзија не е комуницирана со нив и истата не ги вклучува барањата на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но уште повеќе не ги вклучува барањата на експертите, невладините организации, синдикатите. Не можете да дискутирате за една верзија на закон и да кажете дека сите се консултирани, а потоа сосем друга верзија да пратите во Собрание само истиот наслов да го задржите“, додаде Андоновски.

Во меѓувреме собраниската Комисија за европски прашања денеска ја почна амандманската расправа по предлог на законот за стручно усовршување и обука на административните службеници, по скратена постапка и со европско знаменце, дел од пакетот закони подготвени од Министерството за информатичко општество и администрација МИОА, за кој се поднесени 10 амандмани од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Членови на Комисијата од опозицијата оценија дека предлог-законот не е добро решение и го оквалификуваа како криминален. Тие побараа да се одвива јавна расправа по сите закони кои се однесуваат на реформата во администрацијата. Обвинија дека потпретседателката на Комисијата за европски прашања Арта Биљали-Зендели има намера да го стави на „брза лента“ законот по секоја цена. Сметаат дека со предлог-законот нема никакво усогласување со европското законодавсто и оти се злоупотребува европското знаменце. Наспроти нив, за пратениците од власта, предлог-законот е добар и во полза на граѓаните.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојаноска праша зошто овој закон се носи, како што рече, набрзина и нетранспарентно.

„Ова требаше да се донесе одамна. Зошто вака набрзина и нетранспарентно? Навистина не разбирам. Четири закони кои се клучни за подобрување на администрацијата. Вака ли се прават реформи на администрациуја? Со тоа што ќе определите кој-кого може да унапреди, кој-кого може со ментроство да го земе, кој-кому да му ја покачи платата и ќе ми зборувате тука за квалитет, за мерит систем. Не, напротив“, рече Стојаноска.

Според заменик-координаторот на Алијансата за Албанците, Халил Снопче, овие закони се добри и во полза на граѓаните.

„Вие (ВМРО-ДПМНЕ) имате огромна вина за оваа ситуација во јавната администрација за која ние се обидуваме да ја санираме. Се обидуваме со овие предлози. Вие тука сакате само да правите политичка кампања“, рече Снопче.

Како што пишува во образложението на предлог-законот објавено на собраниската веб-страна, со него се уредува постапката на организирање и спроведување обука на административните службеници, основањето и работењето на Агенција за обука на административните службеници, како и други прашања од значење за стручното усовршување на административните службеници.

Целта на законот, како што се наведува, е обезбедување на квалитетно, професионално, непристрасно, ефективно и ефикасно работење на административните службеници, согласно Уставот и законите, преку нивно постојано стручно усовршување и обучување.

„Предлог-законот ќе претставува нова нормативно правна институционална поставеност во системот на уредување на правата и обврските на административните службеници, со цел сеопфатно системско уредување на односите на ова прашање. Важно е да се нагласи дека првпат во историјата на македонската администрација ова прашање со сета негова сложеност, суштински, соодветно и во целост ќе се опфати со закон, за што ќе се формира и агенција за обука на административните службеници, како институција, надлежна за спроведување на законот. Предлог законот нуди системски решенија, со институционален пристап, преку кој, административните службеници ќе можат да ги задоволат потребите за јакнење и надградба на своите професионални компетенции. Овој предлог закон обезбедува и верификација на ново стекнатите знаења и вештини, кои, административните службеници ќе можат да ги валозирираат во пракса, како професионален одговор на работните обврски и задачи во институциите каде се вработени“, се вели во образложението на предлог-законот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ