понеделник, 20 мај 2024
Висок е 63,5 метри и е втор по големина во државава

Крстот во Драчево, моќниот симбол на верата, надежта и љубовта денес доби божји благослов

На верскиот празник Цветници, во пресрет на Велигден, денеска беше осветен крстот во Драчево, висок 63,5 метри и е втор по големина во државата. Церемонијата на осветување на крстот ја предводеше поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан. На настанот присуствуваат градоначалникот на Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Светскиот Македонски Конгрес Тодор Петров, како инвеститор на објектот и голем број на граѓани.

Објавено на

часот

Сподели

„Од денес погледот кон небото нема да е ист. Од денес, над нас, тука во Драчево стои еден моќен симбол на верата, надежта и љубовта. Крстот е икона на верата, симбол на возвишеноста на човекот пред бескрајната моќ на небото. Во неговите контури е собрано целото значење на христијанството, каде се преплетуваат симболиката на жртвата, спасението и вечната љубов кон Бога. Осветувањето на овој Македонски крст е чин на почитта кон минатото, вера во иднината и мост кој нè спојува сите нас. Тој ќе стои тука, како светилник на нашата заедница, потсетувајќи нè на човековите вредности, на моралот и на нашиот пат кон почит и човекољубие“, рече градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека силно верува оти Бог нè осветлува и нè води, потсетувајќи нè дека секој наш чекор, секој наш обид да градиме нешто во Негово име, е благословен и благодатен.

„И затоа ова е богатството и заветот што го оставаме за следните генерации“, нагласи Ѓорѓиевски.

Тој им се заблагодари на Светскиот Македонски Конгрес, на МПЦ-ОА и г.г Стефан и на сите кои дале свој придонес за изградбата на крстот.

„Посебно ми е драго што неговото осветување се случува денес, кога го славиме празникот Цветници, во предвечерјето на најголемиот ден за христијаните-Велигден. Празникот кој ја слави победата на животот над смртта и кој на највисок пиедестал ја издигнува верата. Денешниот ден е силен одек за времињата што доаѓаат, за промените што веќе започнаа да се случуваат, за новите историски моменти кои допрва ќе ги испишуваме во историјата на нашата Македонија. Со Божји благослов продолжуваме напред со проекти, со дела кои ќе бидат нашиот потпис и влог во иднината што ја оставаме на следните поколенија“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Изградбата на крстот во центарот на Драчево, во „Паркот на бранителите“, почна на 16 април 2022 година.

„Неговото осветување денес е најголемата молитва пред Господа за победата на животот над смртта, за спасение на човештвото, на Македонците по род и државјанство, и на државата Македонија“, истакна претседателот на СМК Петров.

Крстот во Драчево е дванаесетти во светот, а втор во Македонија. Висок е 63,5 метри, широк четири метри, со распон на краците 34 метри, секој крак по 15 метри. Постаментот е 12,5 метри, на три нивоа, темелната плоча е со дебелина од еден метар.

Во Македонскиот Крст во Драчево е вградена челична конструкција од 80 тона, премачкана со алкална жолта боја.

Настанот беше дополнет со музичка програма од музичари: Огнен Здравковски, Миле Кузмановски, Бојана Скендеровски како и мешаниот камерен хор „Свети Климент Охридски“ и дечињата од КУД „Китка“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ