петок, 27 декември 2024

Кризата е минато, Работнички во полн состав ќе ја пречека Ц. звезда

Објавено на

часот

Сподели

Дали финансиските проблеми се веќе минато во Работнички?

Според информациите од „Градски парк“, на синоќешниот тренинг присуствувале сите играчи што се под договор, со што им е ставен крај на шпекулациите за заминувањето на дел од нив поради неисплатени плати. Тренерот Марјан Лазовски на располагање го имаше и американскиот интернационалец Брендон Кол, кој месецов речиси воопшто не тренираше, делумно поради незадоволство од финансиските проблеми, делумно поради проблемите што ги имаше со полицијата, која го сомничеше за семејно насилство.

На паркетот беше и Србинот Немања Јелисијевиќ, кој засега е единственото засилување, и тоа од таборот на Куманово. Тренираше, но со помал интензитет и Ефтим Богоев, кој заздравува од операцијата на препоните.
„Мислам дека ги решивме сите проблеми со играчите, кои имаа замерки на доцнењето со плати. Сега сè е во ред, финансиските проблеми се зад нас и тренерот и кошаркарите можат да се свртат кон обврските на теренот. Ни следува мечот со Ц. звезда в недела, кој иако е ревијален, сепак мора да биде сфатен максимално сериозно“, ни изјави Златко Богески, член на управата на Работнички.

Почна со полесни тренинзи: Ефтим Богоев

Предводниците на најтрофејниот тим максимално ангажирано работат на подготовка на целиот протокол за гостувањето на белградските црвено-бели, кои иако во моментов не се во врвот на српската кошарка, сепак со своето име секогаш се предизвик како за кошаркарите, така и за навивачите на трибините. Се подготвува вистински спектакл на кој ќе им биде дадено признание на голем број поранешни играчи, тренери, спонзори и функционери што барем малку придонеле за досегашната историјата на Работнички.

„Планираме да доделиме 60-70 признанија на луѓето што оставиле свој белег врз успесите на нашиот тим. Се надевам дека нема да заборавиме некого, што ќе биде тешка задача бидејќи е огромен бројот на тие што дале нешто на Работнички во освојувањето на 14-те титули македонски шампион, но и во периодот пред тоа. Верувам дека ќе направиме манифестација достојна за реномето на овој клуб“, дополни Богески.

Игор Крстевски

На прославата в недела ќе бидат доделени 60-70 признанија за најзаслужните

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ