Разговорите траеја од октомври, кога австрискиот претседател му ја даде на конзервативниот канцелар Карл Нехамер задачата да состави нова влада. Таа одлука е донесена откако сите останати партии одбија да соработуваат со лидерот на крајно десничарската Слободарска партија (ФПО), која во септември за првпат победи на националните избори.
Нехамер се обидуваше да направи коалицијата на својата Австриска народна партија (ОВП) со социјалдемократите (СПО) и либералната партија Неос.
Партијата на Нехамер и социјалдемократите и претходно заеднички владееја со Австрија, но сега имаат само минимално мнозинство во парламентот, со вкупно 92 од 183 пратенички места. Тоа се смета за недоволно стабилно, па се обидоа да ја вклучат Неос во коалицијата.
Меѓутоа, лидерката на партијата Неос, Беате Мајнл Рајзингер, изјави дека денес ги известила Нехамер, лидерот на социјалдемократите Андреас Бабле и претседателот Александер ван дер Белен дека нејзината партија нема да ги продолжи разговорите за нова влада.
Наведе дека не е можно да се постигне напредок ни договор за основните реформи.