четврток, 26 декември 2024

Кривична пријава за полицаец кој го фалсификувал потписот на шефот на тетовската полиција

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи (МВР), до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција Скопје, поднел кривична пријава против Д.М. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело  злоупотреба на службената положба и овластување.

Објавено на

часот

Сподели

МВР денеска соопшти дека пријавениот, полициски службеник, извршувајќи работни задачи како документарист, со пречекорување на службеното овластување, во септември 2023 година изготвил службен акт со невистинита содржина, злоупотребувајќи го потписот на раководителот на полициската станица Тетово.

„Имено, полицискиот службеник делото го извршил на тој начин што ги злоупотребил процедурите за примање барања, постапување и достава на службени акти и до адвокат доставил акт за достапност за лице со невистинита содржина, односно на усно барање на адвокатот, без процедурално административно – деловодничко евидентирање на писмено барање, изготвил и издал на рака акт со невистинита содржина, т.е. во актот било наведено дека лице кое е засегнато во судски процес било преселено на непозната адреса, со што не бил достапен на органите за прогон, без притоа да се извршат проверки за достапност на терен“, се појаснува во соопштението.

По изготвувањето на актот, се додава, полицискиот службеник го злоупотребил потписот на раководителот, вметнал несоодветен деловоднички број и како таков актот го предал на рака, спротивно на утврдените процедури.

По ова предметниот акт бил злоупотребен во судска постапка при Основен суд Тетово каде бил евидентиран како доказ што резултирало со штетен исход од судскиот процес против лицето. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ