четврток, 31 октомври 2024

Кривична пријава за Костадиновска Стојчевска за Универзална сала

Министерството за внатрешни работи до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје поднесе кривична пријава за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување против поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Објавено на

часот

Сподели

Како што соопшти денеска МВР, Костадиновска Стојчевска, во својство на министерка за култура на 19 февруари 2024 ја злоупотребила својата службена положба и овластување со неизвршување на својата службена должност.

„На начин што по донесена Одлука од Советот на Град Скопје и Заклучок од Владата за пренесување на правото за реконструкција, доградба и надградба на постојниот објект Универзална сала во Скопје, како и по склучен Договор за регулирање на меѓусебните права и обврски помеѓу Град Скопје како сопственик и Министерството за култура како нов инвеститор, и покрај тоа што министерството било задолжено да ги спроведе неопходните постапки за доделување на сите потребни договори за целосно и комплетно завршување на реконструкцијата на објектот, иако согласно одредбите на Законот за јавни набавки била должна да спроведе нова постапка за јавна набавка за избор на најповолен изведувач на работите за довршување на реконструкцијата на објектот, во име на Министерството за култура како наводен нарачател со фирма од Скопје како изведувач, склучила Договор за преземање и отстапување на права и обврски од договор за јавна набавка на работи во вредност од 115.173.789 денари, согласно кој министерството наводно ги преземало истите права, обврски и вредност од претходно склучениот договор помеѓу Град Скопје и истото тоа правно лице, иако знаела и била свесна дека претходно склучениот Договор за јавна набавка помеѓу Град Скопје како договорен орган и правното лице како носител на набавката за реконструкција на објектот на 4 септември 2023 година бил со истечен рок за изведба на работите, за што од страна на договорниот орган Град Скопје на Електронскиот систем за јавни набавки – ЕСЈН на 18 септември 2023 година било прикачено и Известување за реализиран договор и предметот кај договорниот орган Град Скопје бил архивиран како завршен и како таков договорот не претставува правен валиден акт кој може да биде преземен, врз основа на кој нов договор по доставени две времени ситуации од страна на изведувачот за изведени работи, истата на правното лице му исплатила вкупен износ од 27.197.845 денари, со што му овозможила на фирмата од Скопје како изведувач на работите да се стекне со противправна имотна корист во наведениот износ“, соопштуваат од МВР. 

Универзална сала се запали на 9 април годинава, само еден месец откако по пауза од две години продолжија градежните работи за реконструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал-Балкан“ рекоа дека најверојатно се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.

„Најголеми оштетувања од пожарот претрпе куполата“, изјави тогаш Михаил Гаревски од Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени, кој беше избран од фирмата изведувач „Универзал-Балкан“ за да ги изврши испитувањата дали челичната конструкција е оштетена од пожарот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ