петок, 18 октомври 2024
Зоран Дабиќ

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Од дипломатската торба

Кренаа раце од едно општество за сите (или Минхен како јаболко на раздорот)

Како директен набљудувач на дипломатските активности во Македонија и самоповикан борец за вадење на нашата дипломатија од калта во која длабоко ја нурнаа двајцата наши последни министри за надворешни работи (од 2017 до 2024 г.), сè уште не можам да се начудам на аматерската постапка на највисокото раководство на државата во делот на надворешната политика, кое што комплетно се пресели на неколку дена во Минхен, за да ја претставува официјално Македонија на веројатно најважната безбедносна конференција во светот.

Каде отиде нивната безбедносна култура и дали навистина немало кој да ги посоветува, дека највисокото државно раководство не смее да патува истовремено во странство? Примерот за ова се предава во секој учебник во осмолетките по дипломатија – што ќе се прави доколку на пример авионот со раководството, не дај боже, падне? Оваа навала „сите за Минхен“ е уште потрагична зашто, за жал, како држава веќе имаме слични трагични искуства. Но лекциите не влегуваат во глава со инка, а и малку повеќе образование не би било на одмет.

Во државите со претседателски систем на владеење, како што се на пример Соединетите Американски Држави, ЗАБРАНЕТО е претседателот и заменик претседателот (во случајот Бајден и Харис) во исто време да престојуваат надвор од државата. Причината е едноставна. Доколку нешто непредвидено му се случи на едниот, другиот МОРА да е во државата и да биде на нејзино чело и во најтешките ситуации. За истата да се консолидира и да не се втурне во евентуален хаос.

Нашиот систем е парламентарен, што ќе рече дека двете главни извршни позиции во државата се претседателот и премиерот, односно шефовите на држава и влада. Не случајно, на најголемите светски безбедносни конференции форматите се двојат на состаноци на шефови на држави и влади, на состаноци на министри за надворешни работи и на состаноци на министри за одбрана. Тоа се три одделни меѓународни категории, каде што нема заемно мешање, но уште поважно, нема ни дуплирање.

Никогаш немате видено една држава да ја претставуваат и шефот на државата и шефот на влада. Тоа е секогаш или едниот или другиот. А тој што не присуствува на состанокот МОРА да седи ВО ДРЖАВАТА додека другиот не се врати.

Пардон, се извинувам! За прв пат, ваква слика можеше да се види на годинашнава Минхенска безбедносна конференција, каде што секој февруари се собира кремот на политичката безбедносна елита за да расправа за најважните прашања од глобалната безбедност.

Самиот организатор е шокиран од ваквото наше претставување на земјата, а останатите учесници нè изложуваат на голем потсмев. Големата држава е „инволвирана“ во толку важни светски прашања, што не може да ги покрие настаните со еден висок претставник, туку мора да дојдат и двајцата, кои патем имаат одделни делегации и имаат одделни агенди. А координацијата до толку не им оди од рака што понекогаш имаат одделни средби дури и со исти соговорници?! Па што да заклучат тие високи претставници ако двете делегации им даваат различни податоци за состојбите во и околу Македонија?

Имајќи предвид дека двете наши делегации во Минхен се етнички и партиски различни, ваквото сценарио е всушност многу возможно.

И сега, кој ја претставувал вистинската Македонија? Претседателот, кој во последниот период (предизборен) во изјавите сè повеќе се отклонува од Владата или премиерот, макар бил и надлежен само за спроведување на претстојните избори, кој како претставник на највлијателната партија во Владата нескриено ги изложува нејзините ставови?

 

Во старите добри времиња, а тоа беше до минатата година, највисоките лидери во државата имале барем доблест да се договараат кој кога ќе ја предводи државната делегација, на пример во Минхен или Њујорк на Генералното собрание, сеедно. До минатата година никогаш немало дилеми кој да ја претставува државата во странство и кој ќе е водач на делегацијата.

Доколку министерот за надворешни работи Бујар Османи сепак го има прочитано учебникот за протокол во основното училиште за дипломатија и разбира дека претседател и премиер во нашиот случај не смеат да ја напуштаат државата истовремено, фактот што тој не предупредил никого за овој невозможен двоец без кормилар, тогаш како неизбежен заклучок се наметнува тажната вистина дека комплексите на помала вредност нараснале толку многу што веќе не се бираат средства дури и на силеџиски и на арогантен начин да се покажува супериорност и тоа „кој е главен во државата“!

Да бев на местото на претседателот Пендаровски, веднаш ќе ја напуштев конференцијата и ќе се вратев дома. Прво, заради безбедноста на државата, а второ и заради своето, но и достоинството на државата Македонија. Таквиот гест само би го подигнал почитувањето за него.

Но, нејсе …

Амбасадор Зоран Дабиќ

ГК на ВМРО-ДПМНЕ

КОЛУМНИ

Миодраг Врчаковски

Илегална миграција на легален начин!

Сеад Џигал

Стереотипите како бариера за жените кандидатки

Ристо Цицонков

Греење: Не си играјте со децата, може да се разболат

Кристина Пота Радуловиќ

„Ти си пречувствителен/на“ – грижа за нас или агресија и етикетирање?

Ристо Цицонков

Базна електрична енергија да, ама не со слаб кадар и неприменети...

Далибор Ступар

Што се случи со Зелената агенда во Србија?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ