петок, 10 јануари 2025

Кремљ: Трамп мора да мисли на луѓето на Гренланд, како и ние за тие во Украина

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го коментираше предлогот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд, повлекувајќи паралели меѓу тој план и руската анексија на неколку украински региони.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Русија во септември 2022 година ги припои украинските региони Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје. Песков во својот коментар истакна дека Русија внимателно го следи развојот на ситуацијата околу изјавите на Трамп за Гренланд, автономен остров под суверенитетот на Данска, кој е стратегиски важен поради својата позиција во Арктичкиот круг и богатството со природни ресурси.

Песков на новинарите им кажа дека Американскиот претседател би требало да ја земе предвид волјата на жителите на Гренланд, повлекувајќи паралела со рускиот став кон жителите на регионите кои Русија ги припои. „Од Вашингтон доаѓаат различни изјави за почитувањето на мислењето на населението. Ако веќе зборуваме за важноста за слушање на народот, треба да се потсети дека и ние водевме сметка за жителите на четирите нови региони на Руската Федерација“, изјави Песков.

Русија во 2022 година спроведе референдуми на окупираните области во Украина, кои Киев и Западот ги отфрлија како незаконски. Украинскиот претседател Володимир Зеленски тогаш оцени дека тие референдуми претставуваат злосторство против меѓународното право и украинскиот народ.

Русија уште во 2014 година незаконски го анектираше црноморскиот полуостров Крим. Случајот на Гренланд Песков го користи како пример за истакнување на двојните аршини во пристапот на Западот. „Европа на изјавите на Трамп реагира плашливо, тивко, речиси со шепот“, истакна Песков.

Изјавата на Трамп за преземање на Гренланд предизвика реакции низ целиот свет поради потенцијалните геополитички последици. На островот со 56.000 жители американската војска има своја воздухопловна база и претставува клучна точка на интерес поради ресурсите и стратегиската позиција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ