недела, 19 мај 2024

Кремљ: Русија ги повлекува своите мировници од Азербејџан

Руските мировници ќе се повлечат од регионот Нагорно-Карабах, кој Азербејџан повторно го зазеде минатата година. Руските сили не интервенираа во тој конфликт, што предизвика масовно протерување на етничките Ерменци, пренесува Дојче веле.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руските мировници ќе се повлечат од азербејџанскиот регион Нагорно-Карабах, соопшти денеска Кремљ.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков го потврди потегот, одговарајќи на прашање за информациите во азербејџанските медиуми за повлекувањето. „Да, навистина е така“, им рече Песков на новинарите.

Азербејџан минатиот септември си го врати отцепениот регион Нагорно-Карабах и покрај присуството на руски мировници таму. Овој потег предизвика масовен егзодус на етничките Ерменци.

Што правеа руските мировници во регионот?

Речиси три децении, Нагорно-Карабах, кој е меѓународно признаен како дел од Азербејџан, беше контролиран од проереванските сепаратисти и имаше мнозинско ерменско население.

Меѓутоа, во 2020 година, во крвавата шестнеделна офанзива азербејџанските сили зазедоа голем дел од Нагорно-Карабах и околните области.

Како дел од договорот за прекин на огнот меѓу Баку и Ереван, постигнат со посредство на Москва, Русија распореди мировни сили од 2.000 војници во регионот.

Во септември 2023 година, во молскавична еднодневна офанзива што руските мировници не можеа да ја спречат, Баку го заврши преземањето на Нагорно-Карабах.

Ова предизвика бегалска криза бидејќи речиси целото локално население од околу 100.000 етнички Ерменци замина во Ерменија, плашејќи се од репресалии.

Ерменско-руските односи

Конфликтот предизвика раздор во односите меѓу традиционалните сојузници Русија и Ерменија, иако Москва одржува блиски односи со Баку.

Ерменскиот премиер Никол Пашинјан постојано ја критикуваше Русија дека не интервенирала во поддршка на неговата земја во лицето на, како што ја нарекува, азербејџанската агресија.

Тој неодамна рече дека Ереван де факто го суспендирал своето учество во Организацијата на Договорот за колективна безбедност (ЦСТО), одбранбен сојуз предводен од Москва.

Ереван, исто така, се приклучи во Меѓународниот кривичен суд наспроти желбите на Москва. Овој потег го обврзува Ереван да го уапси рускиот претседател Владимир Путин доколку ја посети Ерменија.

Во меѓувреме, Ерменија и Азербејџан се обидуваат да посредуваат за поширок мировен договор.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ