сабота, 27 јули 2024

Кремљ: Путин неделава ќе ја посети Кина

Патувањето ќе се фокусира на поттикнување стратегиско партнерство, при што се очекува да бидат потпишани голем број договори.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот претседател Владимир Путин подоцна оваа недела ќе отпатува за Кина за да се сретне со својот кинески колега Си Џинпинг, објави Кремљ. Тоа ќе биде прво патување во странство на рускиот лидер во неговиот нов претседателски мандат.

Во денешното соопштение, Кремљ рече дека државната посета по покана на кинескиот лидер е закажана за 16 и 17 мај. За време на средбата, двајцата лидери „детално ќе разговараат за целиот спектар прашања за сеопфатно партнерство и стратегиска интеракција“ меѓу Москва и Пекинг, и ќе се утврдат клучните насоки за понатамошен развој на руско-кинеските односи.

Путин и Си ќе разговараат и за „најитните меѓународни и регионални прашања“, додаде Кремљ. Се очекува лидерите да потпишат заедничка изјава и голем број билатерални документи, се вели во соопштението, без да се наведат дополнителни детали.

Рускиот лидер ќе разговара и со кинескиот премиер Ли Кианг, вториот највисок функционер во земјата. На средбата ќе стане збор за билатералната трговска, економска и хуманитарна соработка.

Покрај тоа, Путин и Си ќе присуствуваат на гала по повод 75-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Москва и Пекинг, како и отворањето на Руско-кинеските години на културата.

Рускиот претседател ќе го посети и градот Харбин во североисточна Кина, кој беше основан од руски доселеници кон крајот на 19 век. Таму тој ќе учествува на свеченото отворање на руско-кинеската ЕКСПО, која ќе се одржи од 17 до 21 мај. Путин ќе присуствува и на отворањето на Руско-кинескиот форум за меѓурегионална соработка, а ќе се сретне и со студенти и професори на институтот за технологија Харбин.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ