петок, 24 јануари 2025

Кремљ: Путин е спремен да разговара со Трамп

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да оствари телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, додека Москва чека известување од Вашингтон дека и таа страна е подготвена, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вчера Трамп рече дека сака да се сретне со Путин што е можно поскоро за да се постигне крај на војната во Украина и изрази желба да работи на намалување на нуклеарното оружје, а Кремљ рече дека Путин јасно ставил до знаење дека го сака истото.

На прашањето дали двајцата претседатели ќе го искористат веќе овој прв викенд од вториот претседателски мандат на Трамп за прв телефонски разговор пред евентуална лична средба, Песков рече дека „Путин е подготвен“.

„Очекуваме сигнали од Вашингтон. Сите се подготвени. Тешко е во оваа ситуација да се чита талогот од кафето. Веднаш штом и ако има нешто, ќе ве информираме“, рече тој.

Трамп, кој вчера се обрати на Светскиот економски форум во Давос преку видеоврска, рече дека сака да работи на намалување на нуклеарното оружје, додавајќи дека верува оти Русија и Кина можат да поддржат намалување на нивните капацитети за оружје.

„Ние би сакале да видиме денуклеаризација. И ќе ви кажам дека на претседателот Путин навистина му се допадна идејата за намалување на нуклеарната енергија. Мислам дека можеме да го натераме остатокот од светот да го следи примерот, а Кина ќе се приклучи на тоа“, изјави американскиот претседател.

Песков рече дека Путин јасно ставил до знаење дека сака да ги обнови преговорите за нуклеарно разоружување што е можно поскоро, но дека таквите разговори треба да бидат пошироки од претходно, со вклучување на нуклеарниот арсенал на други земји, вклучително и Франција и Британија.

„Значи, има за што да се зборува, треба да разговараме за тоа. Времето е загубено на многу начини. За таков интерес сме зборувале и порано, така што топката е на теренот на САД, кои ги запреа сите суштински контакти со нашата земја“, рече портпаролот на Кремљ.

Новиот договор за намалување на стратегиското вооружување или Нов СТАРТ, кој го ограничува бројот на стратегиските нуклеарни боеви глави што САД и Русија можат да ги распоредат, како и распоредувањето проектили и бомбардери од копно и подморници, треба да истече на 5 февруари 2026 година. Тоа е последниот преостанат столб на контролата на нуклеарното оружје меѓу двете најголеми нуклеарни сили во светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ