сабота, 21 декември 2024

Кремљ: Нуклеарната вежба на НАТО поттикнува тензии

Кремљ соопшти дека годишната нуклеарна вежба на НАТО, во која учествуваат авиони способни за носење нуклеарно оружје и која почна вчера, поттикнува тензии во светло на „жешката војна“ која се одвива во Украина.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Генералниот секретар на западниот воен пакт Марк Руте во четвртокот ја најави годишната вежба наречена Стедфаст нун како силна демонстрација на капацитетите за одвраќање во контекст на „засилената нуклеарна реторика“ на рускиот претседател Владимир Путин.

Меѓу 60-те авиони од 13 земји кои учествуваат во вежбата има ловци Ф-35А и Б62, соопштија функционери на НАТО. Во вежбата која ќе трае околу две недели не се користи боево оружје, но околу 2.000 војници кои учествуваат во маневрите ќе симулираат мисии во кои борбените авиони носат американски боеви глави.

„Во услови на жешка војна, која се води во рамки на украинскиот конфликт, ваквите вежби не водат кон ништо освен понатамошна ескалација на тензиите“, им кажа на новинарите портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков.

Тој додаде дека е невозможно да се одржат преговори за нуклеарното вооружување со Соединетите Американски држави, за што Вашингтон сигнализираше дека е отворен, бидејќи западните сили се вклучени во конфликтот против Русија, и секоја безбедносна расправа би морала да има многу поширок обем.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави во петокот по доделувањето на Нобеловата награда за мир на организацијата Нихон хиданкио, која ги претставува преживеаните од американското атомско бомбардирање на Хирошима и Нагасаки на крајот на Втората светска војна, дека САД се спремни без предуслови да почнат преговори со Русија, Кина и Северна Кореја за намалување на нуклеарната закана.

„Во контекст на војната која се води против Русија со индиректно, па дури и директно учество на нуклеарни сили како САД, Британија и Франција, апсолутно е невозможно да се зборува за тоа без поврзување на тоа прашање со сите други аспекти на безбедноста“, кажа Песков.

„Всушност, нашиот претседател веќе зборуваше за тоа. Русија смета дека таквите контакти се неопходни и дека не може да се одложуваат, но мора да ги разгледаме сите прашања за безбедноста во целост, земајќи ја предвид актуелната ситуација“, додаде тој.

Песков ја отфрли изјавата на шефот на германската разузнавачка служба, кој вчера кажа дека руските сили до крајот на оваа деценија ќе бидат во позиција да ја нападнат територијата на НАТО.

„Руските сили би требало да бидат во позиција да почнат напад на НАТО до крајот на оваа деценија“, кажа Бруно Кал пред парламентарен одбор во Берлин.

„Русија никогаш не ја поместувала својата воена инфраструктура кон НАТО, секогаш било обратно“, кажа Песков. „Затоа е апсолутно погрешно, нелогично и, што е најважно, во спротивност со целосниот тек на историјата, да се каже дека руските оружени сили претставуваат опасност за кого било, што доведе до конфронтацијата на која сега сите заедно сме сведоци“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ