Москва и Вашингтон се согласија да „обезбедат сигурност на пловидбата во Црното Море, неупотреба на сила и спречување на употреба на комерцијални бродови за воени цели“, се вели во соопштението на Кремљ, еден ден по руско-американските разговори во Саудиска Арабија.
Руското претседателство изјави дека САД „ќе придонесат за враќање на пристапот до светскиот пазар за руски извоз на земјоделски производи и ѓубрива и намалување на трошоците за поморско осигурување“.
Сепак, Кремљ нагласи дека договорите, објавени претходно денеска од Белата куќа, ќе стапат на сила само „откако“ ќе бидат укинати бројни санкции, особено оние наметнати на нејзината голема земјоделска банка Роселхозбанк, одредени „производители и извозници на прехранбени производи и ѓубрива“ и на трошоците за поморско осигурување.
Руското претседателство бара и укинување на ограничувањата за „трансакциите за трговско финансирање и пристанишни услуги и санкциите за бродовите под руско знаме вклучени во трговијата со прехранбени производи и ѓубрива“.
Русија и САД, исто така, ќе „разработат мерки“ кои ќе овозможат 30-дневен прекин на огнот при нападите врз енергетската инфраструктура во Русија и Украина, соопшти Кремљ.