вторник, 5 март 2024

Креирана е атмосфера на неосновани напади врз лекарите, реагира Лекарската комора и бара законска заштита на лекарите

Објавено на

часот

Сподели

„Докторите од болницата во Битола, кои беа вклучени во лекувањето на петгодишно девојче, се изложени на огромен притисок, иако инспекцискиот и стручниот надзор досега не утврдија пропусти во стручната работа. Докторите од Клиника Жан Митрев беa изложени на навреди и вербални напади пред Кривичниот суд, што секако не е атмосфера во која се почитува правото на пресумпција на невиност, како осново човеково право. Секојдневно во медиумите се истакнуваат имиња на доктори кои биле вклучени во лекување на пациенти, наведувајќи на тоа дека сториле некаква лекарска грешка, без притоа да постои одлука на надлежна институција“, подвлекуваат од Лекарската комора.

Комората ги осудува сите овие настани кои „предизвикуваат сериозно вознемирување, згрозување и нарушување на достоинството, угледот и интегритетот на професијата, што е крајно недозволиво во услови кога најрелевантните меѓународни организации истакнуваат дека здравствените работници се најважниот чинител на здравствениот систем, поради што треба да бидат заштитени и предупредуваат на глобален недостиг на овие профили на пазарот на трудот“.

„Атмосферата која постои кај нас создава јавно мислење дека сите лекари во земјава работат нестручно и несовесно, што целосно не е точно, бидејќи најголем дел од нив, својот професионален и приватен живот го посветиле на својата професија и одговорно, стручно и посветено секојдневно пружаат здравствена заштита и се грижат за здравјето на голем број пациенти во условите кои постојат во здравствениот систем. Загубата за живот на пациент е тежок удар за секој лекар, што никогаш не може целосно да се надмине“, се истакнува во соопштението.

Важно за креирање на јавното мислење и вистинско насочување на расплетот на случаите кои се од интерес на јавноста, како што посочуваат од Лекарската комора, е и тоа поединците кои не се компетентни или немаат релевантни информации, да се воздржат од давање на јавни коментари, бидејќи „така само се засилуваат нападите и говорот на омраза без притоа да се постигне ефект на конкретно утврдување на одговорност и превенција на нови случаи“.

Лекарската комора, исто така, ги охрабрува институциите соодветно и ажурно да постапуваат во сите случаи кога ќе се утврди пропуст во лекувањето, но, „соодветна санкција да има и во случаите кога докторите неосновано се напаѓаат“.

„Истакнуваме и дека пациентите и лекарите се дел од еден ист систем, во кој може да се обезбеди рамнотежа единствено ако институциите во државата подеднакво застанат во одбрана на правата и на едните и на другите. Во овој момент законски се регулирани само правата на пациентите, додека законот за лекарска дејност во кој покрај обврските, би се уредиле и правата на лекарите и покрај долгогодишни бројни иницијативи сѐ уште не е донесен. Апелираме овој закон со кој лекарската дејност се смета за дејност од посебен општествен интерес, да биде итно донесен“, пишува во соопштението.

                                                                                                                                          Фото. П.Џ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ