сабота, 27 јули 2024

Краделе нафта од градинките и училиштата во Штип, 26 лица добиле кривични пријави

Осумнаесет милиони денари е штетатa предизвикана по буџетот на Општина Штип во разработена шема при примопредавање на нафта по училиштата и градинките во периодот од 2021 до 2023. 26 лица, најголемиот дел од Штип и неколкумина од Неготино и Скопје, добиле кривични пријави.

Објавено на

часот

Сподели

СВР Штип, до Основното јавно обвинителство Штип, поднесе кривична пријава против З.А. (51) од Неготино и Љ.П. (43) од Неготино поради постоење сомневање за сторено кривично дело злоупотреба на службена положба и овластување. Против А.М. (40) од Штип е поднесена кривична пријава поради постоење сомневање за сторени кривични дела злоупотреба на службена положба и овластување и фалсификување исправа. Љ.Т. (41) од Неготино доби кривична пројава за помагање во врска со фалсификување исправа, а против М.А. (62) од Штип и С.К. (63) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата. Кривични пријави се поднесени и против уште 20 лица од Штип, исто така, поради постоење сомневање за сторено кривично дело несовесно работење во службата.
З.А., одговорно лице во правно лице од Скопје и Љ.П., сопственик на правното лице, кое се јавува како носител на јавна набавка за испорака на нафта за греење – екстра лесно масло за домаќинство (ЕЛ-1), распишана од Општина Штип за потребите на градинките, основните и средните училишта под надлежност на општината, од 2021 до 2023 година во 35 наврати испорачале многу помала количина на нафта од количината која што ја фактурирале и наплатувале од горенаведените установи.

Третопријавениот А.М., вработен во општина Штип, со овластување од градоначалникот на Општина Штип да врши прием, распределба и достава на нафта во установите, разликата од фактурираната количина и реално доставената количина, според оригиналните вагарски белешки евидентирани во електронскиот систем на вагата на терминал во Штип ја прикривале на тој начин што изготвувале лажни вагарски белешки, кои третопријавениот ги приложувал во општината, во списите од предметот на јавната набавка. Четвртопријавениот Љ.Т., возач на цистерната со која е доставувана нафтата, и покрај тоа што знаел дека се испорачува помала количина на нафта, изготвувал товарни листови со невистинити количини, со што им помагал на прво и второпријавените во дејствата.

Петтопријавениот М.А., овластено лице за прием на нафта во Општина Штип, не постапил согласно своите овластувања, односно пред и по источување на нафта кај корисниците, не вршел претворање на разликата на нафта од килограми во литри според коефициентот на густина на нафтата, евидентиран во сертификатот кој му го приложувал четвртопријавениот. Шестопријавената С.К., секретарка на Општина Штип, на 26. јануари 2021 година по распределба на нафта по јавните установи во општината, била запознаена дека се појавувало разлика од помалку доставена нафта од онаа која што била наведена во записниците и испратниците. После тоа, таа со допис барала документ за точноста на вагата во терминалот во Штип, а откако била известена дека вагата е точна не презела никакви понатамошни мерки за корегирање на наведениот недостаток на нафта до носителот на јавната набавка.
Останатите 20 лица – М.К., М.А., В.Ќ., Б.С., И.М., Р.П., С.Д., Г.К., Д.М., К.Р., З.Ш., И.Г., Д.К., Д.Д., Т.А., Б.С., Т.Н., П.М., К.Н. и Б.Ќ., сите од Штип, во својство на одговорни лица за прием на нафта во јавните установи, при примањето на нафтата од возачот ја потпишувале испратницата без целосно да ја спроведат постапката за прием на нафта, односно мерење на висината на нивото на резервоарот пред и по источување и внесување на истите мерки во Записникот за измерено ниво нафта во резервоарот. Со ваквите дејства на буџетот на Општина Штип била предизвикана штета во износ од 18.403.386 денари, соопшти МВР.
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ