сабота, 27 јули 2024
НАТО Самит 2023

Ковачевски: Влезот во ЕУ е безбедносно прашање кое ја гарантира стабилноста на Западен Балкан

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска продолжуваме со две други сесии, првата е со нашите партнери од индо-пацифичкиот регион тука со нас се присутни Австралија, Нов Зеланд, Јужна Кореја и Јапонија на кои што ќе ги споделиме најважните аспекти на заедничкото делување во однос на обезбедувањето на мирот во светот во овој нов геополитички момент. На состанокот ќе присуствуваат и претседателката на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет на кој исто така ние премиерите и претседателите, претствници од Западен Балкан ќе го реафирмираме и ставот за важноста на европските и евроатлантските интеграции за мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој многу важен регион и за НАТО, меѓутоа и за ЕУ“, вели Ковачевски пред средбите во Вилнус во изјавата објавена на неговиот фејсбук профил.

Втората сесија, како што посочи, се однесува на првиот состанок на Советот НАТО-Украина на кој што ќе се разговара подетално во однос на поддршката која НАТО ја дава на Украина, меѓутоа и за чекорите кои што ќе бидат направени во иднина се со цел поголемо приближување на Украина кон НАТО.

„Вчера бевте информирани од генералниот секретар дека веќе е донесен нов план во однос на приближувањето на Украина. Тоа што беше пристапување во два чекори сега е во поедноставена процедура и дека наредите чекори и одлуки ќе зависат од консензусот на земјите членки како и од ситуацијата на теренот“, рече Ковачевски.

Премиерот уште еднаш ја повтори оценката дека ова е исклучително важен состанок, кој доаѓа во важен момент кога практично се води војна во Украина. 

„Најпрвин сакам да изразам големо задоволство од вчерашниот состанок, од првата сесија, на која како што и беше очекувано се потврди единството во НАТО Алијансата. При тоа сите го поздравивме влегувањето на Финска како 31 – ва членка и чекорот кој што е направен пред финално влегување во Алијансата на Шведска. Исто така, беа донесени многу важни одлуки. Првата во однос на продолжувањето на поддршката на Украина, второ во однос на подготовката на безбедносни планови на регионално ниво во однос на финансирањето при што беше донесена одлука за два проценти од БДП да биде минимум одвојување за одбраната од кои 20 проценти најмалку да бидат за модернизација. Исто така, голема одлука беше донесена и во однос на проширувањето на соработката на НАТО земјите во делот на сајбер безбедноста и во делот на хибридните закани што ги гледаме околку нас“, потенцира Ковачевски.

Во состав на делегацијата која ја предводи премиерот Ковачевски покрај другите е и министрот за надворешни работи Бујар Османи.

Како што соопшти Министерството за надворешни работи (МНР), состанокот се одржа во светло на постигнатиот политички договор со кој Шведска се приклучува кон трансатлантското семејство, продолжувајќи го патот до полноправно членство како 32 земја членка на Алијансата. Ваквиот чекор, се наведува, ќе придонесе за понатамошното зајакнување на НАТО и гарантирањето долгорочна безбедност и стабилност на Евро-атлантскиот регион.

Воедно, било нагласено значењето на политиката на отворени врати на НАТО, при што Османи истакна дека истата мора да продолжи од Западниот Балкан, со што ќе се заокружи евроатлантската ориентација на Балканот, па сѐ до Украина, која во моментов ја поднесува најголемата жртва во одбраната на принципите на Алијансата.

На состанокот, на кој учествуваа високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, како и министрите за надворешни работи на земјите партнери изложени на ризик – Босна и Херцеговина, Грузија и Молдова, беше нагласено дека најсилна гаранција за регионалната и европската стабилност претставува членството во НАТО и Европската Унија.

„Силната поврзаност и соработката меѓу НАТО и ЕУ е особено значајна за стабилноста на нашиот регион, но и на целокупниот европски континент. Заеднички и посветено треба да работиме на забрзување на европските и евро-атлантските интегративни процеси на земјите од Западен Балкан како значајна алатка за зајакнување на регионалната безбедност, особено во актуелниот геополитичкиот контекст“, нагласи Османи.

Воедно, министрите ја потврдиле подготвеноста за натамошна поддршка и соработка на НАТО  со земјите партнери изложени на ризик, со цел зајакнување на нивната отпорност, на линија на одлуките усвоени на минатогодишниот Самит во Мадрид. Министерот Османи, се додава, ја реафирмираше нашата цврста политичка поддршка за нивната независност,  суверенитет и територијален интегритет, како и спремност за практична помош.

„Сојузниците уште еднаш ја нагласија осудата на руската воена агресија, како и силната обединетост и единство во однос на поддршката за Украина, нагласувајќи ги заложбите за зголемување на долгорочната практична помош и поддршка на земјата, што ќе овозможи идна целосна интероперабилност со државите членки на НАТО“, пишува во соопштението.

Вкупно 48 странски делегации со 2400 членови, вклучувајќи 40 претседатели на држави или влади и над 150 високи официјални претставници присустуваат на дводневниот самит.

Самитот се одвива под зајакнати мерки за безбедност. За негово обезбедување се задолжени 12 илјади припадници на различни безбедносни структурки. Околу четири илјади војници го обезбедуваат настанот, од кои околу илјада се испратени од 16 членки на Алијансата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ